23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништво: лошите резултати не го уриваат оптимизмот

Градежништво: лошите резултати не го уриваат оптимизмот

Песимистичките податоци не го топат оптимизмот кај градежниците. Бизнисмените од овој сектор очекуваат подобра 2018-та, лошите резултати во 2017-та ќе ги оставеле зад нив. Подготвиле и предлог – мерки што ќе ги достават до Владата.

Политичката криза најмногу удри на економската активност

Проблем број еден, според градежниците, била политичката криза – пред се долготрајното предавање на власта и административните  пречки во донесувањето на одлуки и решенија за реализирање на проектите.

„Интензитетот на градба согласно договорените работи во изминатите девет месеци од годинава не се намалува, но се намалува извршувањето. Посебно влијание врз вредноста на изведените работи имаше и фактот што во изминатиот период имавме и намалени активности во делот на јавните набавки“, вели Андреа Серафимовски, Стопанска комора на Македонија (СКМ).

Со окончувањето на кризата се надминува и неизвесноста, па проектите може да продолжат. Токму во ова градежниците го темелат својот оптимизам.

„Се потпишаа анекси на договорите за двата автопати. Во јануари се очекува потпишување на анекс на договор и за Кичево – Охрид. Тоа ни дава надеж дека ќе продолжат капиталните инвестиции со што градежништвото ќе продолжи да работи и да има придобивки. Не радува и продолжувањето на проектот ‘Купи куќа, купи стан’ што ќе ја поттикне и високоградбата“ изјави неодамна Роберт Хот, Сојуз на стопански комори (ССК).

Бизнисмените бараат сет мерки за поттикнување на секторот

За поттикнување на градежниот сектор бизнисмените веќе подготвиле пакет на предлог – мерки што ќе го достават до Владата.

Главното барање е елиминирање на критериумот за најниска цена кога се јавните набавки во прашање бидејќи тоа било на штета на квалитетната изведба. Сега се случувало фирми да добиваат тендери и со понуди помали од само еден денар.

„Дури 80 отсто од сите проблеми во градежништвото потекнуваат од критериумот најниска цена при јавните набавки“, вели Андреа Серафимовски, Стопанска комора на Македонија (СКМ).

Градежништвото во слободен пад. Сите големи играчи имаат драстично намалени добивки, а дел од нив дури и загуби. Негативниот тренд најверојатно ќе продолжи – намалена е вредноста на договорените и извршените работи во странство, пад има и кај издадените одобренија за градење. Бизнисмените се песимисти – можни се отпуштања во секторот.

Секторот во слободен пад – загрижувачки извештаи

Според финансиските извештаи кои редовно се објавуваат на Македонската берза најлоши резултати има Бетон Штип. Во периодот јануари – септември компанијата направила загуба од 1 милион и 34 илјади евра. Во исто време лани компанијата била во плус од 411 илјади евра. Ова значи дека падот е дури -314%! Само приходите биле намалени за 47%.

Бетон Скопје во првите девет месеци од годинава остварила добивка од 182 илјади евра што е за 81% помалку во однос на истиот период лани кога таа достигнала скоро 964 илјади евра. Вкупните приходи биле помали за 19%.

Финансискиот извештај на Гранит покажува профит од 2 милиони и 946 илјади евра што е за 3% помалку во однос на првите девет месеци од минатата година. Приходите се зголемени за 9%.

И производителите на градежни материјали имаат намалени добивки. Цементарницата Усје од јануари до септември имала профит од 14 милиони и 79 илјади евра што е за 10% помалку во однос на истиот период лани. Сепак, приходите биле поголеми за 3%.

Производителот на адитиви Адинг има помал профит за 33%, тој во првите три квартали достигнал 286 илјади евра. Приходите, пак, биле намалени за 6%.

Фабрика Карпош имала профит од 186 илјади евра што е намалување од 79%. Приходот паднал за 30%.

Единствено Мермерен комбинат Прилеп има значително подобрено работење. Финансискиот извештај покажува зголемен профит за 318%, достигнал 8 милиони и 854 илјади евра. Приходите биле зголемени за 88%.

Статистичките податоци покажуваат негативни трендови

И Државниот завод за статистика (ДЗС) мери негативни трендови во градежниот сектор.

Вкупната вредност на договорените градежни работи во странство од јануари до септември изнесува 37 милиони и 456 илјади евра што е 16.6% помалку во однос на истиот период минатата година.

Вкупната вредност на извршените градежни работи во странство, пак, била 20 милиони и 125 илјади евра што е намалување за 38.8%.

Македонските градежни компании работат најмногу во Босна и Херцеговина – 90% од вкупните активности се во оваа земја. Потоа следуваат Германија, Холандија, Словенија, Косово и Албанија.

ДЗС измерил намалување и на бројот на одобренија за градење. Во септември биле издадени 222 што е за 25.3% помалку во однос на истиот месец лани. Вкупната предвидена  вредност на овие објекти е нешто над 58 милиони евра што 29.7% помалку.

Од вкупно 222 објекти, на 162 (73.0%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 60 (27.0%) инвеститори се деловни субјекти.

Значителен пад по долгогодишен раст

Градежништвото во првиот квартал годинава падна за 6.3%, а во вториот за дури 17.3%. За овие шест месеци вкупните економски активности се намалија за 0.9%.

Значителниот пад доаѓа по долгогодишен раст. Лани градежништвото се зголеми за дури 18.5%. Во првиот квартал растот бил 6.9%, во вториот 31.4%, во третиот 10.3%, во четвртиот 28.5% или вкупно за цела година 18.5%. Секторот беше и главната компонента која изѕида вкупен економски раст од 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП