19 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтабилност во статистиката, нестабилност во фрижидерот

Стабилност во статистиката, нестабилност во фрижидерот

Додека владините претставници на прес-конференции зборуваат за „макроекономска стабилност“ и за „раст на БДП“, реалноста на терен за многумина граѓани изгледа сосема поинаку.

Економските политики кои се носат во владините канцеларии често имаат далекусежни последици врз секојдневието на обичниот човек – од цената на лебот до можноста да се отплатува кредитот навреме.

Во изминативе неколку години, политиките на Владата се насочени кон фискална дисциплина, субвенционирање на домашното производство и стимулирање на извозот. Но дали тие чекори вистински го подобруваат животниот стандард или само ги полираат статистиките?

„Ако им веруваш на табелите, сè е во ред. Ако ги прашаш луѓето на пазарот, тогаш ќе чуеш поинаква приказна“, вели Билјана Стајкова од Битола. „Секој ден цените се менуваат. Дали Владата го контролира тоа или само ги објавува податоците?“

Особено се чувствува влијанието на економските политики врз ранливите категории – пензионерите, невработените и самохраните родители.

„Се воведуваат политики кои звучат убаво, но нивната реализација е нефункционална“, велат екомските аналитичари. „Кога ќе кажете дека ја зголемувате минималната плата, а во исто време дозволувате раст на цените на основните продукти, вие суштински не сте го подобриле животот на луѓето“.

Истовремено, приватниот сектор се жали на нестабилност и непредвидливост. Компаниите се соочуваат со чести измени на закони, нови давачки и бирократски пречки, кои ги одвраќаат од инвестирање и проширување.

„Мене не ми требаат субвенции, ми треба јасен и стабилен систем“, вели сопственикот на мала фабрика за мебел, Горан Ристов. „Денес има една политика, утре друга. Како да планираш производство?“

Иако некои мерки се поздравени од бизнис заедницата, граѓаните очекуваат поопипливи резултати – стабилни цени, повисоки плати и подобра јавна услуга.

Сосема е јасно – економските политики не треба да се мерат само преку економски индикатори, туку пред сè преку квалитетот на животот на граѓаните. Сѐ додека луѓето се чувствуваат обесправени, под притисок и без перспектива, ниту една бројка во извештај не може да ја прикрие реалноста.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар