29 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУште само еден месец - каде за Нова Година?

Уште само еден месец – каде за Нова Година?

На точно еден месец од дочекот на Новата Година веќе се прават плановите каде и со кого – домашна атмосфера, кафеана, дискотека, патување… Ова се најчестите опции, но дилемите и трошоците не запираат тука – за празниците се троши и повеќе од што се има: за подароци, за украсување, за облека.

Македонците трошат по околу 60 милиони евра

Македонците во просек за Нова Година трошат фантастични, над 60 милиони евра – до прецизна сума не може да се дојде бидејќи нема прецизни статистички податоци, но повеќе показатели упатуваат на ова – ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа солидна сума.

Дополнително, секоја година во декември се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе преку платежните картички од просекот во останатите месеци, а во продавниците околу половина од прометот е на картичка, а половина во кеш.

Кафуле, ресторан или дискотека – 1.000 или 6.000 денари?

Оние кои ќе останат дома ќе треба да готват или да купат храна, оние кои ќе одат во кафуле или ресторан ќе треба да платат мени. И едното и другото чини. Во зависност од понудата и имиџот на локалот цените се движат од 800 па и над 6.000 денари.

„Цените не се високи, ако се земе предвид колку многу се пие за дочекот. Ние имаме понуда од 800 денари за стоење и од 1.200 денари за сепаре. Таа иста како и лани… Сите мислат дека заработуваме премногу. Дека кафето не чини 10 денари, а го продаваме 60; но има многу скриени трошоци“ вели сопственик на кафуле во скопско Дебар Маало.

Виена и Будимпешта, Банско и Боровец – најбарани дестинации

Оние кои имаат повеќе пари се одлучуваат за неколкудневно патување во странство. По традиција најбарани се аранжманите за земјите од регионот – Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Црна Гора. Сепак, се поголем интерес има и за подалечните дестинации – Мадрид, Хавана и Дубаи.

„Во ски центрите во Бугарија аранжманите чинат од 200 до 300 евра за 3 ноќевања заедно со свечена вечера на 31 декември. За европските метрополи има голема варијација во цените, во зависност од тоа дали се оди со авион или автобус, во зависност од должината на престојот, како и од тоа дали дочекот е во некој локал или на плоштад што е речиси правило во над 90% од понудите. Хит дестинација е Дубаи за каде се организирани повеќе групи, не само за Нова година, туку и во другите месеци “ велат во една скопска туристичка агенција.

Охрид очекува рекордна посетеност, но најверојатно ќе ја откаже прославата

Охрид е една од опциите кои стојат на располагање, но цените се приближно исти како и за аранжманите во соседството. Сепак, по успешната летна хотелиерите очекуваат и солидна зимска сезона. Велат дека 80% од капацитетите се веќе закупени, во најголем дел од гости од регионот.

Освен домашни, годинава се очекуваат и повеќе групи на странски гости. Македонија станува се поинтересна дестинација поради што, според туристичките работници, треба да се размислува за зголемување на хотелските капацитети.

„Кога имаме најави од други држави, особено за Нова Година, може да се случи во хотелите да нема место. Мислам дека има потреба од повеќе капацитети, не само во квантитет, туку и во квалитет“ изјави Ветон Груби, сопственик на туристичка агенција.

Сепак, оние кои ќе се одлучат за Охрид најверојатно ќе останат без организиран дочек. Во Локалната самоуправа сериозно се размислува за откажување на организираната прослава.

Локалната самоуправа се уште не излегува со официјални информации, но неофицијално проблем биле роковите за реализирање на јавна набавка за организација на прославата со оглед на тоа што локалните избори завршија неодамна.

Трошоците не запираат тука – се троши и на подароци и украси

Освен за самиот дочек, пари се трошат и во деновите пред и по Новата Година, пред се за украсување на домот но и за подароци за најблиските.

Елката е долгорочна инвестиција, но ако ја купувате за прв пат имате два избора, поевтина од Кина и поскапа со друго потекло. Првите чинат до 1000 денари, а вторите и до 200 евра. За тие кои сакаат природна пак најевтини се во јавните претпријатија, чинат 1.100 денари, а саксијата е ваша обврска. Но, новогодишната елка не оди без лампиони. Пластичните се продаваат во сет од по десетици и чинат до 300 денари, стаклените пак се продаваат поединечно по цена од 60 денари па нагоре.

„Најмногу се продаваат пластичните украси, веројатно поради пониската цена. Оние кои се изработени од стакло или од кристал одат многу помалку. Ние имаме и уникатни парчиња кои се рачно изработени и кои чинат од 300 до 600 денари, но тие повеќе се украс за самата продавница отколку што навистина се продаваат“ вели вработена во продавница за подароци која што за празниците е целосно уредена во новогодишно – божикно руво.

Но новогодишната шопинг треска не запира тука. Во последно време тренд е семејното фотографирање. Фото сесија чини и над 1.000, во зависност од имиџот на студиото.

„Ние нудиме различни пакети – освен фотографии, изработуваме и честитки и календари со семејниот или со портретот на најмалите… Цените варираат, од 300 денари за наједноставниот портрет, па и над 1.000 за пакетот кој вклучува сет календари, сет честитки. По желба можеме да изработиме и маици и блузи со вашата фотографија“ објаснуваат во едно скопско фото студио.

Празникот толку се комерцијализирал што денес кај нас имате можност да го изнајмите Дедо Мраз не час или повеќе. Дедовците со бели бради се рекламираат и на интернет огласниците – бараат од 1000 до 1300 денари за час.

Македонците сакаат да подаруваат, но продавачите велат дека мажите повеќе изненадуваат од жените. Број еден е парфемот, а потоа некое парче накит или парче облека.

Традиционалното на најмалите освен играчки и други изненадувања им се даруваат и новогодишни пакетчиња. Тие чинат од 150 па до 1.500 денари во зависност од големината, количината на слатки и секако производителот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП