28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар во сабота ќе го пречека Рајн Некар

Вардар во сабота ќе го пречека Рајн Некар

Европскиот шампион Вардар в сабота во рамките на осмото коло во Лигата на шампионите ќе го пречека Рајн Некар, екипа чиј дрес го носи македонскиот репрезентативец Филип Талевски.

Вардар и Рајн Некар ја предводат табелата во А групата. Во пресрет на првиот од двата меѓусебни дуела Вардар има 13, а германскиот шампион 11 бода. Двата тима во „мечот на неделата на ЕХФ“ влегуваат без пораз, Вардар има само едно реми во седумте кола, а Рајн Некар три натпревари одигра нерешено.

„Нè очекува тежок и чуден натпревар. Чуден поради тоа што Рајн Некар оваа сезона кога игра надвор секогаш во нападот игра ‘седум на шест’. Нашата одбрана треба да биде на високо ниво, но јас верувам во моите играчи. Рајн Некар е добар тим, а мене најмногу ме плаши Шмит. Многу натпревари сме играле кога противникот напаѓа со седум играчи. На почетокот кога Металург играше така ние бевме катастрофални, но малку по малку се подобривме. Сега сме добри и на Ф4 турнирот Барселона и ПСЖ играа така“, рече на прес-конференцијата во пресрет на дуелот Вардаровиот тренер Раул Гонзалес.

Шпанецот потврди дека поради играта што ја практикува Рајн Некар сите на тренинзите вежбаат шутеви преку цел терен.

„Тешко е да се погоди голот во таква ситуација, иако изгледа дека е лесно. Сите тренираат такви шутеви преку цел терен и голманите нормално.

Гонзалес очекува победа, а заедно со капитенот Стојанче Стоилов ги повика навивачите да го исполнат СЦ „Јане Сандански“,

„Рајн Некар претходната сезона непријатно нè изненади тука. Играат во топ-форма годинава, со топ-играчи во тимот и екипа која ја игра таа непријатна тактика ‘седум на шест’. Но, доколку сакаме да се доближиме до успехот од минатата, сезона мора да победиме на сите натпревари дома. Очекувам поддршка од навивачите, добра игра и наша победа“, рече капитенот на тимот, Стоилов.

Во пресрет на дуелот тренерот на Вардар има само еден проблем, а тоа е повредата на Лука Циндриќ, кој, најверојатно, нема да настапи против германскиот шампион.

„Веројатно тој може да игра, но не тренирал 20 дена. Може да игра, но нема да биде спремен, треба да тренира барем седум-осум дена. Но, и без Циндриќ мислам дека екипата е добра, моментумот е добар и јас имам целосна доверба дека тие ќе бидат спремни“.

Натпреварот Вардар-Рајн Некар в сабота ќе почне во 17:30 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП