28 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска Банка: Македонија со најнизок раст во регионот - препораки за намалување...

Светска Банка: Македонија со најнизок раст во регионот – препораки за намалување на долгот и стабилизирање на ПИОМ

Раст од 1.5% оваа и 3.2% односно 3.9% во следните две години. Ова се најновите, надолно корегирани проекции на Светската банка за македонското стопанство – политиката е главната кочница за економијата.

„Политичката криза која започна во 2015-та кулминираше во јуни 2017-та кога беше избрана и нова Влада. Во овој период ги наруши економските активности. Растот на БДП забави – од 3.8% во 2015-та, на 2.4% во 2016-та и се очекува да падне на 1.5% во 2017-та“ се наведува во редовниот економски извештај за Западен Балкан.

Стапката на невработеност годинава треба да падне на 22.0%, а во следните две на 20.4 односно 19.4%.

„Практично Македонија бележи константно опаѓање на невработеноста во минатото, особено што има намалување на невработеноста кај посиромашното население, но место за опуштање на овој фронт не постои, затоа што Македонија и натаму има една од највисоките стапки на невработеност во регионот “ изјави Бојан Шимбов од канцеларијата на Светска Банка во Македонија.

Сепак, досега голем дел од креираните работни места биле резултат на мерките за поддршка кои го оптоваруваат државниот буџет. Светска Банка препорачува ревизија на проектите „Македонија вработува“.

„За тие работни места не се плаќаат социјални придонеси и здравствено, персонален данок, со што практично создадоа притисоци врз Пензискиот фонд и Фондот за здравствено осигурување“ смета Шимбов.

Токму консолидацијата на фискалните трошења и одржувањето на стабилноста на пензискиот систем е главен предизвик за земјава во следните години. Препораката е да нема дополнителни зголемувања на пензиите освен законското прилагодување.

„Моментално Фондот е во добра кондиција и добива трансфери од централната власт кои се зголемуваат со тек на годините. Целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери. Ние работиме на параметарски измени во законската регулатива кои ќе ги намалат тие притисоци“ изјави Шимбов.

Експертите од Светска Банка очекуваат да продолжи зголемувањето на јавниот долг – буџетскиот дефицит годинава да биде 3.0% а во следните две години 2.7 односно 2.2%; јавниот долг да достигне 42% од БДП до 2019-та, а заедно со оној на јавните претпријатија и другите органи на управата да биде 53.7%.

Фискалната консолидација односно зауздувањето на задолжувањето е уште еден предизвик за Македонија.

„Во последните пет години долгот се зголеми за 10 процентни поени… Се очекува да продолжи да расте поради пораснатите гаранции за автопатските проекти“ се наведува во извештајот.

Земјава годинава ќе има најнизок раст во регионот. Проекцијата за Македонија е 1.5%, за Србија 2.0%, за Босна 3.0%, за Албанија 3.8%, за Црна Гора 4.2% и за Косово 4.4%.

„Охрабрувачки е да се види дека, скоро една деценија по глобалната финансиската криза, вработеноста конечно закрепна и се врати на нивото пред кризата во најголем дел од регионот“, вели Линда Ван Гелдер, директор на Светска банка за земјите на Западен Балкан.

Светската Банка сепак заклучува дека економските изгледи конкретно за Македонија се позитивни – главен носител на растот во следните години треба да биде личната потрошувачка поттикната од зголемената вработеност и закрепнатите инвестиции.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП