2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстражувачите од Алкалоид ја решија непознатата структура на соединението фолкодин монохидрат

Истражувачите од Алкалоид ја решија непознатата структура на соединението фолкодин монохидрат

alkoloid-645x338

Истражувачкиот тим на Алкалоид АД Скопје во соработка со две научно-истражувачки лаборатории првпат во светски рамки ја реши кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат кое за пациентите кои страдаат од интензивна сува кашлица е повеќе од половина век достапно во форма на капсули и сируп.

Од компанијата соопштија дека познавањето на кристалната структура и полиморфизмот (можност едно хемиско соединение да постои во повеќе различни кристални форми) на секое фармацевтски-активно соединение е од исклучителна важност за детално дефинирање на неговите физичко-хемиски својства и физиолошка активност.

Иако фолкодин монохидратот во вид на капсули и сируп против интензивна сува кашлица се наоѓа во активна медицинска употреба во светски рамки уште од средината на минатиот век, не беше позната неговата кристална структура. Најверојатно, како последица на непознавањето на неговата структура, досега останаа неразјаснети некои аспекти во врска со физиолошката активност на ова соединение. Нивното разјаснување и дефинирање перспективно може да понуди негова проширена и модифицирана медицинска примена. Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во реномираното научно списание „Кристален раст“ („Journal of crystal growth“) во вид на оригинален истражувачки труд насловeн „Фолкодин монохидрат: Кристална структура и полиморфизам“. Истражувањето е спроведено по иницијатива на м-р Ѓорѓи Петрушевски, вработен во Институтот за истражување и развој на Алкалоид АД Скопје, стои во соопштението.

Ова научно постигнување, информираат од компанијата, претставува огромен успех за македонската наука бидејќи претставува пионерско истражување од овој тип раководено од македонски научници под покровителство на Алкалоид АД Скопје, што претставува поттик за понатамошна соработката на оваа компанија со научните институции во Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП