5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на академскиот сликар Слободан Тимчевски во Куманово

Изложба на академскиот сликар Слободан Тимчевски во Куманово

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово в четврток со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики на академскиот сликар Слободан Тимчевски. Изложбата содржи 25 дела работени во техниката акрил од најновата продукција на Тимчевски.

Обидувајќи се да ги исчитаме пораките од најновото творештво на академскиот сликар Слободан Тимчевски и анализирајќи ги делата од опусот со работен наслов “Моменти“ работени во техниката акрил, се чини дека имаме задача да дешифрираме една мошне сложена сликарска идеја којашто е надградувана и конципирана во еден повеќегодишен период. Оттука и чувството при првата средба со сликите дека истите се дел од еден огромен проект, од едно големо виртуелно платно во главата на авторот и дека тој само ни дава парчиња од сложувалка, делови коишто претставуваат детали од тоа платно. Или поедноставно кажано, не нè напушта чувството дека секоја слика е дел од некој полиптих носејќи го во себе принципот на холограм – дека во делот се содржани информациите за целината. А тие целини, мораме да признаеме, воопшто не наликуваат една на друга во формално-визуелна смисла и се микрокосмоси за себе… Она што ги поврзува е, секако, концептот и пристапот во којшто доминираат две компоненти: експресијата на цртежот и бојата и декоративните секвенци. Но, некои дела не можат да се подведат ни под овој концепт (на пример, делото “Ни на јаве ни на сон“ коешто е асоцијативно-апстрактно биоморфно решение со силна колористична експресивна палета на црна основа).

Во оваа најнова збирка на дела на Слободан Тимчевски можеме да согледаме и повеќе други влијанија од поп-арт, стрит-арт и стрипот, што говори за еден едуциран автор којшто има апсолвирано и теоретски знаења коишто успешно ги имплементира во своите дела градејќи еден свој визуелен универзум. Дали истиот ќе биде читлив за пошироката публика останува да се види на самото отварање на изложбата, но со сигурност можеме да кажеме дека во делата на Тимчевски гледаме еден современ автор којшто за краток временски период ќе биде препознатлив и влијателен на македонската ликовна сцена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП