21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо зголемена телесна тежина е секое трето дете во земјава

Со зголемена телесна тежина е секое трето дете во земјава

Според УНИЦЕФ, секое трето дете во Македонија е со зголемена телесна тежина, а 14 отсто од момчињата на 11-годишна возраст се соочуваат со тој проблем, во споредба со Европа каде што тој процент е 4 отсто.

Нутриционистите денеска на децата во ООУ „ Аврам Писевски“ во населбата Бардовци им препорачаа да внесуваат повеќе свежо овошје и зелечук во секојдневната исхрана како свежа ужина и салати. Според нив, здравите шеќери и здравите масти кои ги има во овошјето и јаткастите плодови се преферирани прехранбени продукти, за разлика од производите во кои има рафинирани шеќери и масти.

Едукативниот час по здрава исхрана се одржа во присуство на градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, министерката за образование и наука, Рената Треневска- Дескоска, претставници на УНИЦЕФ,  во рамки на глобалниот  проект „ Секој оброк раскажува приказна“. Проектот исто така вклучува унифицирани вредности и заложби како што се: здрава исхрана, чиста животна средина, чиста вода за пиење, намалување на сиромаштијата, рамноправност, подобар квалитет на живот, подобро образование, итн. Како што истакна министерката Дескоска, потребата од здрава исхрана кај децата во основните училишта налага нова законска регулатива со која ќе се контролира квалитетот на исхраната.

„Во собраниска процедура ќе предложиме законско решение со кое ќе се утврди точниот нутритивен квалитет на исхраната. Ќе се предложат поригорозни казнени мерки за оние училишта кои не го почитуваат правилникот со кој е утврдено точно какви хранливи состојки треба да консумираат основците“, потенцираше Дескоска.

Одделенската наставничка Драгана Горковска – Гавриловска  во една интерактивна настава им го презентираше здравиот начин на исхрана на основците, потребата од правилно комбинирање на прехранбените продукти и почитување на калорискиот внес на храна.

Професионален нутриционист на учениците им одржа час по здрав начин на исхрана, на кој им ги презентираше позитивните и негативните аспекти од исхраната. На предавањето беше потенцирано дека здравите шеќери и здравите масти кои ги има во овошјето и јаткастите плодови се преферирани прехранбени продукти, за разлика од производите во кои има рафинирани шеќери и масти.

Основците кои присуствуваа на овој едукативно-наставен час интерактивно се вклучија во дискусијата со својата  наставничка и со нутриционистот покажувајќи знаење и свесност од потребата за здрава исхрана.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП