6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали вреди туристичкиот бум на малиот Исланд?

Дали вреди туристичкиот бум на малиот Исланд?

Би било фер да се каже дека големиот бум во туризмот ја спаси економијата на Исланд – земјата од која тргна глобалната финансиска криза.

Дали ова спасување предизвикува други проблеми зад себе?

Населението на Исланд е околу 300.000 лица, што го покренува прашањето колку туристи може да прими малиот остров?

Една од најпопуларните атракции во земјата е „Blue Lagoon“ – базен со природно загреана вода, која извира од утробата на островот, па затоа перманентно е окупирана од туристи.

„Во нашата прва година во 1994-та година имавме околу 50.000 гости, а оваа година очекуваме 1,3 милиони лица“, вели Гримур Саемундсен, шеф на „Blue Lagoon“, цитиран од „BBC“.

Во минатата година Исланд била посетена од 1,7 милиони лица, што е три пати повеќе во однос на 2010-та година, кога малата земја со 330.000 жители допрва се ослободи од генезата на финансиската криза, а паралелно со тоа страдаше од ерупцијата на вулканот  Ејафјалајокул кој го парализираше воздушниот сообраќај во Европа за околу една недела.

„На долг рок  Ејафјалајокул имаше позитивен ефект бидејќи вулканот го стави Исланд на картата“, вели Саемундсен. „Сигурно туристите слушнале за прв пат за Исланд, додека се стоеле блокирани на аеродромите“, додава тој.

Туризмот се покажува како важен дел од економијата на земјата, откако во 2008-ма година трите најголеми банки на островот пропаднаа, со настапувањето на финансиската криза која го потресе целиот свет.

9 години подоцна економскиот раст на земјата изнесува 7% годишно и невработеноста е на ниво помалку од 3%. Туристичкиот бум е одговорен за создавањето на десетици илјади работни места.

„Туризмот всушност ни помогна да застанеме на нозе“, вели Гилфи Магнусон, професор на исландски универзитет и поранешен министер за економија по банкарската криза.

„Дефинитивно обновата ќе потраеше повеќе време, ако не беше овој неочекуван бум“, вели тој.

Сето тоа води и до други неочекувани ефекти – недостаток на капацитет за справување со туристичкиот прилив.

Во летниот период рестораните во Рејкјавик се полни до максимум. Има недостаток на хотелски соби, што ги насочува туристите кон платформата „AirBnB“, а главната улица на градот се претворила во место полно со продавници за сувенири.

„Немаме соседи повеќе“, вели Беноа Аегесон кој живее во центарот на Рејкјавик од 1970-та година. Според него, сите станови во центарот се изнајмуваат за новите туристи.

„Беше многу модерно младите да живеат тука, но сега цените скокнаа толку многу што младите веќе не можат да си го дозволат тоа“, раскажува Аегесон.

„Шпекулантите доаѓаат и купуваат станови и продавници, што почнува да загрижува иднината на центарот како место за живеење. Ако останат само возрасните и туристите, постои опасност дека центарот на градот ќе умре“, додаде тој.

Дали има ограничување за туристите кои можат да ја посетат малата островска земја?

Инга Хлин Палсдотир е директор на кампањата „Visit Iceland“, која раководела за промовирање на земјата како туристичка дестинација во текот на последната деценија. Според неа, одговорот на ова прашање е премногу комплексен.

„Ако кажете дека посетителите на Исланд ќе достигнат 5 милиони лица за 5 години, а сите тие ќе дојдат во Рејкјавик, дефинитивно тоа би претставувало грижа“, вели таа.

Според неа, ако туристите посетуваат и други места, освен Рејкјавик, бројката од 5 милиони посетители нема да биде толку голем проблем за малиот остров.

„До денес не мислам дека страдаме од преоптоварување – ако зборувате со некој надвор од Рејкјавик, ќе слушнете да се жали дека сака повеќе туристи да го посетат“, вели Инга Хлин Палсдотир.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП