24 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Служење воен рок - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Служење воен рок – М-р Раде Чоловиќ

Јас ја имав среќата (или несреќата) да бидам еден од оние кои бевме последна септемвриска класа во Југословенската Народна Армија (ЈНА). Среќа затоа што имам пријатели од цел Балкан, а и живеев шест месеци на море. Несреќа затоа што во времето кога служев воен рок беше грозно време на распад на бившата ни држава, војни  и слично.

Тогаш како младинец сметав дека служењето армија е губење време. Се чувствував како некој да ме извадил од животот 12 месеци и потоа повторно ме вратил. Но факт е дека во армијата созреавме како мажи и луѓе, се научивме да почитуваме авторитет, некои научија и како да си ги местат креветите наутро, се чистеа касарните. Сами си ги перевме чорапите и ги крпевме кога беа скинати, а и колку што се сеќавам и сами пеглавме кошули пред излегување во град. Имав војнички другари кои доаѓаа од рурални средини и кои прв пат се возеа со воз кога одеа во војска, гледаа семафор за првпат или пак за прв пат одеа на кино. Војската учеше на култура и на тоа како треба да изгледа и да се однесува еден војник при излез во град. Армијата имаше и обезбедена бесплатна здравствена заштита, а имаше и случаи каде дел од војниците си решаваа сериозни здравствени и естетски проблеми на своето тело. Да не зборувам дека воените школи, особено стручните (медицина, инжењерија, авијација…) вадеа јаки кадри и беше престиж да се учи таму.

Во бившата држава – ЈНА беше на еден начин и двигател на стопанството. Како? Па Тетекс правеше униформи и ќебиња за армијата, Братство од Охрид правеше тенџериња кои се користеа во армијата, чевларската индустрија правеше чевли, а да не зборуваме колку храна се трошеше за потребите на армијата. Од друга страна ЈНА враќаше со тоа што помагаше на граѓаните при елементарни непогоди, инжењеријата пробиваше и правеше многу патишта за цивилни потреби, а не е помалце важно тоа што имаше и многу љубови и бракови со локалните девојки.

Мислам дека една од најголемите работи беше и таа што во ЈНА бевме сите југословени и патриотизмот се одржуваше на високо ниво.

Денес како скоро средовечен и родител на тинејџер се повеќе ми недостига војската, мислам не мене лично (јас да бидам во армијата)  туку тоа дека ја нема. Мислам дека денешниве тинјџери имаат проблеми со почитување на авторитети, со одржување на личната хигиена, а и општата културата им е прениска (со чест на исклучоци). Изгубени се од аспект на тоа дали сакаат да бидат македонци или некоја друга националност, односно учат тука, а со мислите се во странство.

Затоа сето претходно што го зборував не е затоа што сум југоносталгичен, туку затоа што од практични причини сметам дека треба да се воведе повторно обврзното служење воен рок.

Знам дека сум можеби малце лицемер, сега кога сум родител ми фали војската, нели. Но исто така секогаш тврдам дека домашното воспитание е на прво место при воспитување на децата, но воедно исто така тврдам дека важен сегмент во воспитување на едно дете е и образовниот систем на државата, но и улицата (општеството) знае да те воспита. Војската овде ја ставам во контекст и на образовниот систем, а воедно и на “улицата” т.е. општественото школо.

На времето се велеше дека војската прави од дете маж, а и така беше.

Мислам дека треба да се воведе повторно редовното (обврзно) служење воен рок, истото да биде со рок од три месеци, а да има можност за доброволно продолжување за уште три до шест месеци, но не повеќе од  9 месеци вкупно. Со оглед на тоа дека и ние во ЈНА добивавме плата која беше симболична, истото треба да биде пракса и во идното обврзно служење од три месеци (а да има поголема плата за оние кои сакаат да продолжат со воениот рок). За оние  кои сакаат да продолжат со воениот рок треба да има бенефиции. На пример, предност при запишување на факултет, намалена школарина за студии. Нека се смета дека сите кои служеле воен рок барем шест месеци, со завршување на службата имаат по автоматизам сертификат потребен за работа во фирмите за обезбедување како обезбедувачи. Да имаат предност при вработување во МВР, АРМ и слично. Ова се само предлози но целта ми е младите луѓе да бидат мотивирани за да служат воен рок.

Тврдам дека со повторно воедување на воен рок ќе има повеќе добивка отколку негативности. Да замислиме исто така што би значело (на пример) за Кичево или било кој друг град во Македонија доколку се рестартира тамошната касарна. Ќе значи од аспект на нови вработувања, соработка со локалните фирми, а и кога војска ќе излезе во град ќе се трошат повеќе пари. Замислете – градот веднаш расте за плус петстотини или иљада луѓе. Значи како подпредлог на овој предлог е тоа освен во генералштаб и на Петровец  (и некаде кај што  мора) во Скопје да нема служење воен рок, односно да нема служење војска во родниот град. Немам ништо против и цивилно служење армија.

Иако цело време зборувам за момчиња, мислам дека и девојките треба да добијат шанса преку доброволно служење воен рок. И мислам на секуларна армија каде што ќе важат правилата на службата и каде што за непочитување на команда ќе има казни (во смисол на забрана излегување во град, некористење слободни викенди, недавање на добра препорака по завршување на воениот рок….). Исто така сметам дека треба да се воведе повторно и воен суд. Тој ќе е дел од правосудниот систем на Република Македонија и ќе биде на ранг на основните судови задолжени да решаваат спорови од воениот живот.

 

M-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП