10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотопло време, помали сметки - кој колку ќе заштеди?

Потопло време, помали сметки – кој колку ќе заштеди?

Повисоки температури, пониски сметки – почетокот на грејната сезона е одложен; радијаторите се топли само рано наутро и доцна навечер, а некои денови и воопшто не греат. Сите треба да заштедат, но најмногу оние кои користат клима уреди со инвертер.

Најлесно се штеди на струја

Најголеми заштеди имаат оние кои се греат на струја или 370.000 домаќинства, но крајниот позитивен биланс зависи пред се од системот за греење.

„Наједноставно е инсталирањето на клима уреди со инвертори, во зима работат како топлотна пумпа, технологијата е толку унапредена што има фактор на трансформација од 4 или 5. Тоа значи дека за 1 kWh електрична енергија се добиваат 4 или 5 kWh топлинска енергија. Кај греалките за 1 kWh електрична енергија се добива 1 kWh топлинска енергија“, објаснува професорот Ристо Цицонков.

Ефикасните клима уреди при повисоки температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

Цената на струјата на 1 јули се намали за 0.25%. Дополнителна поволност од оваа сезона е вратената дневната евтина тарифа. Токму затоа експертите советуваат да се набават клима уреди или други грејни тела со тајмери кои самите би се активирале во периодот од 14 до 16 часот.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари. Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела.

Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.

Дрвата се проблематични за прилагодување

Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс. Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената, велат експертите.

„Таму нема автоматика, самите треба да одредите колку дрва ќе наложите, па може да се направи погрешна проценка – наутро да се стават многу дрва а потоа денот да биде топол, па температурата во собата да биде и превисока. Тука се груби пресметките, па не се штеди толку“, објаснува професорот Цицонков.

Нема промени на цените во ЈП „Македонски шуми“. Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.450 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари по кубик.

Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрва. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

И сметките за парно треба да бидат помали

Оние кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Сепак, се очекуваат порамнувачки односно сметки со понизок во следниот период.

„Оние кои се приклучени на топлификација секако трошат помалку енергија. Но, овде крајните сметки зависат од повеќе фактори. Системот е гломазен, се вклучува уште рано наутро за топлината да биде дистрибуирана до домовите. Самите корисници не секогаш имаат термостати и регулаторни вентили. Сепак, во крајна линија се зависи од регулаторот и од снабдувачот“, објаснува Цицонков.

Парното греење од први август е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) има пониски цени за 2.5%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 0.1%, а „Скопје Север“ за 1.69%.

И минатата година имаше позначително поевтинување, цените во просек паднаа за по околу 10%.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.750 денари или 21.000 денари годишно или 600 денари помалку од лани.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП