5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПретпремиера на првата епизода на „Инсајдер“

Претпремиера на првата епизода на „Инсајдер“

Инсајдер ќе биде здив од свеж воздух на македонските ТВ канали поради различниот пристап кон дискусиите од нашето секојдневие. Теми кои ни се нам добро познати се разработени низ призмата на истражувачкото новинарство на глобално ниво, но исто така и сите специфични предизвици со кои се соочува една редакција во Македонија.

Дејствието е сместено во една новинарска редакција во часот пред да се дефинираат темите за следниот број на неделникот Инсајдер, под притисок на времето и останати фактори кои играат голема улога во финалната одлука на тоа што ќе оди во печат. Во 26-те епизоди се обработуваат низа тематики, почнувајќи од слободата на медиумите, корупцијата, судскиот систем, образованието во државата, здравствениот систем, мигрантската криза и ред други теми кои се нашле на насловните страни на нашите весници во изминатите 26 години.

Сценариото и продукцијата се 100% македонски, што е веднаш забележително токму поради блискоста на темите. Свој потпис на проектот ставаат звучни имиња како Игор Иванов – Изи, Вардан Тозија, Никола Мадиќ и Сашо Кокаланов. Српскиот актер Светозар Цветковиќ, кај нас познат по улогите во „Среќна Нова 49“ и „Тетовирање“, е само едно од имињата на долгата листа квалитетни и етаблирани актери кои играат во серијата, заедно со Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Силвија Стојановска, Ѓорѓи Нешкоски, Горан Ников, Габриела Петрушевска, Ана Стојановска и Сања Арсовска.

„Инсајдер ќе биде мошне интересна серија за сета македонска публика затоа што преку секоја епизода ќе добијат шанса да ѕирнат зад кулисите на новинарството, и да ја согледаат вистината околу која се раѓаат конфликтите и истите се разрешуваат. Сето тоа е „спакувано“ во нео-ноар – стил кој е богат со сенки и контрасти, и визуелно ги отсликува битките на секој од ликовите, и сомнежите околу тоа дали постои „црно и бело“ во така сив свет.“ – велат од продукција.

Серијата ќе се емитува од 30 октомври, секој работен ден од 20:40 на Телма, во време кога на македонската јавност не и се достапни печатени весници и магазини како некогаш.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП