26 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Тиквеш“ со 22 награди на светски престижни вински натпревари во Лондон

„Тиквеш“ со 22 награди на светски престижни вински натпревари во Лондон

tikves

Врвните македонски вина на винарската визба „Тиквеш“ освоија 22 награди и високи признанија на двата најпрестижни светски вински натпревари кои се одржуваат во Лондон.

На јубилејниот 30. меѓународен вински натпревар Интернешнал вајн челинџ 2013, вината на „Тиквеш“, во конкуренција од над 10.000 висококвалитетни сорти и видови вина од целиот свет, освоија по четири сребрени и бронзени медали, а три вина беа специјално истакнати како особено квалитетни. На вториот натпревар Декантер ворлд вајн авордс 2013 на кој учествуваа над 14.000 вина од производители од 57 земји во светот, „Тиквеш“ освои еден сребрен медал и три бронзени, а седум вина, од страна на жирито, беа истакнати за нивниот врвен квалитет.

– Исклучително сум задоволен што успеавме не само да го повториме, туку и да го надминеме успехот од минатите години. Овие награди во Лондон уште еднаш ја оправдуваат нашата стратегија и работа во креирањето автентични, висококвалитетни врвни вина, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба „Тиквеш“.

На двата најголеми светски собири на најквалитетните вина во светот, со сребрен медал се закитија белите тероар вина „Бела вода“ и „Барово“ од минатогодишната берба, како и „Мускат Отонел Спешл Селекшн“, „Ркацители Спешл Селекшн” и „Совињон Блан Спешл Селекшн“, исто така од бербата во 2012-та. Белата и црвената верзија на виното „Бела вода”, како и белото „Барово“ добија бронзени медали кои им беа доделени и на вината од серијата „Александриа Куве”, во бела и розе верзија од минатогодишната реколта, како и црвеното вино „Т’га за југ” од бербата во 2011.

Истовремено, жиријата од двете натпреварувања, составени од бројни енолози и вински критичари, според прецизните и строги критериуми, дадоа високи оценки и специјално го истакнаа квалитетот на дополнителни 11 вина на „Тиквеш“, меѓу кои и црвените вина „Александриа Куве” и „Вранец Спешл Селекшн“ од бербата во 2011-та година, како и белото вино „Темјаника Спешл Селекшн” од минатогодишната берба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП