28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилна индустрија: рачна работа на застарени машини - до кога?

Текстилна индустрија: рачна работа на застарени машини – до кога?

Македонската текстилна индустрија се соочува со низа проблеми – од недостаток на квалификуван кадар до застарена технологија. Сето тоа се огледува и во продуктивноста.

Нашите работници се двојно помалку продуктивни од нивните европски колеги – ако во Бугарија или во Грција за 8 часа шијат 15,5 до 16 кошули кај нас едвај 7 до 7,5. Рачна работа на застарени машини – ова е основната пречка за подобри резултати.

Текстилците со години ги доставуваат истите барања, но позитивен одговор засега нема. Бизнисмените од оваа индустриска гранка велат дека им се потребни поволни кредити кои би се искористиле за модернизација, но и дека треба да се направи сеопфатна анализа од која ќе произлезат решенија и конкретни мерки за поддршка.

„Треба пошироко да се разгледаат можностите. Да не се споредуваме со другите земји каде и има драстично поголема поддршка. Не може исти мерки да се спроведуваат за целото стопанство, треба да бидат насочени особено кон производствените гранки“ вели Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.

Мерките кои ги планира Владата се добри, но само за големите и добро стоечки компании; сметаат текстилците. Бараат конкретни активности за поддршка на нивниот сектор. Првенствено се залагаат за ослободување од придонеси, односно да плаќаат само половина за да можат да им ги зголемат платите на работниците. Вака мака мачат да најдат соодветен кадар.

„Само големите фирми ги исполнуваат сите услови за да добијат државна помош. За текстилните фабрики, но и другите средни и мали фирми ќе предложиме посебен пакет економски мерки, бидејќи вака нема да можеме речиси за ништо да аплицираме“ објаснува Перковска.

И покрај сите предизвици текстилната индустрија во Македонија игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ, во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали.

Текстилната индустрија ангажира околу 38.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП