
Во првите осум месеци од оваа година германската Сојузна агенција за вработување додели 63.000 работни дозволи на луѓе од регионот на Западен Балкан, што е за 70 проценти повеќе, отколку во истиот период од минатата година.


Во првите осум месеци од оваа година германската Сојузна агенција за вработување додели 63.000 работни дозволи на луѓе од регионот на Западен Балкан, што е за 70 проценти повеќе, отколку во истиот период од минатата година.
Причината за растот е специјалната регулатива за Западен Балкан, воведена во почетокот на 2016-та.
Кризата предизвикана со доаѓањето на големиот број мигранти од Сирија и Ирак тогаш се влоши поради се поголемиот прилив на баратели на азил од Косово, Албанија, Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Германија ги прогласи овие земји за безбедни, па мигрантите кои пристигнуваа од нив речиси и да немаа шанси да добијат азил.
Како реакција на тоа, воведени се значителни олеснувања за трудовите мигранти од Западен Балкан: како поднесување на доказ дека му е понудена конкретна работа во Германија, при што се добива работна дозвола, а притоа не се бара доказ за квалификациите.
Сојузната агенција за вработување само проверува дали постои домашен кандидат за тоа работно место, но во 4 од 5 случаи дава „зелено светло“. Наспроти тоа, критериумите за гастарбајтери од трети земји се многу строги.
Според информациите од Институтот за истражување на пазарот на труд и вработување (IAB), од Западен Балкан главно пристигнуваат неквалификувани (47 oтсто) и полуквалификувани работници (49,6 oтсто), додека уделот на факултетски работници и други експерти изнесува само 3,4 посто.
Убедливо најмногу работни дозволи се издаваат на работниците во градежништвото (речиси половина). Во угостителството побарувачката на работна сила од Балканот е исто така голема, но се бараат и хигиеничарки, негувателки и градинари.
Работната виза трае додека лицето е вработено, а предвидено е луѓето да се вратат во татковината кога ќе останат без работа. Мигрантите, меѓутоа, имаа право на социјално доколку во Германија имаат работено најмалку 12 месеци. Поради тоа не е исклучено да останат, дури и да ја загубат работата.
Дозволата од Сојузната агенција за вработување, сепак не гарантира право на влез во земјата, затоа што работниците прво мораат да поднесат барање за виза во својата земја, а во повеќето земји од Западен Балкан за виза се чека повеќе месеци.
Регулативата за Западен Балкан која е воведена во екот на бегалската криза, важи до 2020-та година.