2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРоманот „Играње“ од словенечката писателка Станка Храстељ објавен на македонски јазик

Романот „Играње“ од словенечката писателка Станка Храстељ објавен на македонски јазик

Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на романот „Играње“ од современата словенечка авторка Станка Храстељ. Преводот од словенечки јазик е на Дарко Јан Спасов.

Романот „Играње“ во 2012 година ја доби наградата на Младинска книга „Модра птица“ за најдобар роман и веднаш го свртува вниманието на јавноста и критиката. „Играње“ е прозен првенец на оваа афирмирана поетеса.

„Играње“ е романескна рендгенска слика на една душевна болест, но авторката не дозволува пропаѓање во лавиринтите на мрачното раскажување.

Критичарката Сташа Павловиќ за романот напиша: „Преку развојот на психолошката состојба на главниот лик ја гледаме нејзината игривост, нејзиното погледнување преку работ, надминувањето на конвенционалните идеи, развиената креативност што ја поттикнува на изразување, уривањето на пречките и стравот, нејзиниот стремеж кон правда и расчистувањето на сето она што никогаш не било разјаснето, потребата да им помогне на другите, што е веројатно посреден повик за помош, како и справувањето со ситуацијата, што е нова за неа и од која се плаши, поради што се обидува да ù даде смисла. На блиските им дава посебни улоги, со што прави една мала игра, нешто приближно на театарска претстава. Станка Храстељ со својот роман не само што создава книжевна клиничка слика на некоја болест за која премалку се зборува туку, со ликот на Маринка создава мошне силен, самостоен и прецизно осмислен женски лик.“

Книжевниот интерес на Храстељ се недоволно истражените аспекти на човечката психа и општествените табуа: болестите, самоубиствата, абортусот, старечката деменција. Таа смета дека книжевното отворање на овие теми ќе придонесе за подобро разбирање и прифаќање од општеството.

Стилот на пишување на Храстељ е необичен и модерен. Таа пишува кратки, фрагментарни поглавја, инспирирана од денешната модерна комуникациска технологија (СМС-пораки, фејсбук-постови, твит-пораки).

Книгата е објавена со финансиска помош на Јавната агенција за книги на Република Словенија и на Фондацијата Трубарјев склад при Друштвото на словенечки писатели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП