26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОд 12 октомври почнува меѓународниот театарски фестивал „Скупи“

Од 12 октомври почнува меѓународниот театарски фестивал „Скупи“

Меѓународниот театарски фестивал Скупи со мотоto За здрав дух ќе се одржи од 12 до 18 октомври во МКЦ. Отворањето на фестивалот ќе биде во Сули Ан, Старата чаршија. Оваа година на фестивалот ќе гостуваат претстави од Албанија, Русија, Косово, Израел, Србија, Иран и Бугарија. Настанот е поддржан од Министерство за култура, Т-мобиле и Град Скопје. На програмата се:

„КУЌАТА НА БЕРНАРДА АЛБА“ -ТЕАТАР „АНДОН ЧАЈУПИ“ – КОРЧА, АЛБАНИЈА

Претставата „Куќата на Бернарда Алба“на Фредерико Гарсија Лорка е спектакл на отворено. Ова е единствениот перформанс на фестивалот што ќе се одржи во неконвенционален простор. Се потрудивме приказната да ја адаптираме на местото на дејствието со цел публиката полесно да се соживее и да ја доживее како блиска. Посетителите ќе имаат можност да ја следат претставата во автентичен амбиент и да се почувствуваат како навистина да се наоѓаат во куќата на Бернарда Алба.

„ЅВЕРОТ“- ТЕАТАР „У МОСТА“- ПЕРМ, РУСИЈА

Оваа неверојатна претстава на театарот „У Моста“ стана легендарна бидејќи предизвика огромен одзив, испровоцира бура од спротивставени чувства и го направи театарот популарен во Русија и во странство. Дејствието се одвива во урнатините на исчезнатата цивилизација. Татко, мајка и нивната ќерка се единствените преживеани на Земјата. Тие талкаат низ пустината, изгорени од атомската катастрофа, во потрага по други луѓе за да го спасат животот во универзумот. И покрај морничавата атмосфера на животот по светскиот Армагедон, претставата остава чувство на светлина и катарза.

„МАЧЕНИК“ – ГРАДСКИ ТЕАТАР ЃАКОВИЦА – ЃАКОВИЦА, KОСОВО

Контрoверзната драма „Маченик” од германскиот драматург Мариус Вон Мајенбург нè воведува во животот на младиот Бенџамин Синклер. Тој го претставува католичкиот фундаментализам отежнувајќи им го животот на тие што го опкружуваат. Како темпирана бомба, приказната ја возбудува публиката, но истовремено освојува прикажувајќи колку е збунувачки современиот свет со неизбежниот притисок да се биде политички коректен, толерантен и без предрасуди отпочнувајќи една бескрајна дебата за религијата, догмата и науката.

„ПУШИ КАКО МАЖ“- СОЛО УМЕТНИК – ТЕЛ АВИВ, ИЗРАЕЛ

„Пуши како маж“ е монодрама инспирирана од животот на Фрида Кало. Овој физички театарски перформанс открива аспекти од животот на една комплексна, независна и бунтовна жена. Жена која ги прекршува кодексите на општествените норми, се соочува со прашањата на идентитетот и половите разлики, од политиката до уметноста, храбро го поплочува патот за многу жени во годините кои ќе дојдат. Веднаш откако докторите ја известуваат дека нејзината нога ќе мора да биде отсечена, Фрида бега во својата соба и се заклучува во неа. Минувајќи низ физичката болка и емоционална бура, чувствуваjќи се како ѕидовите на собата да се стеснуваат, заканувајќи се да ја згмечат додека докторите тропаат на нејзината врата, Фрида умствено бега на пат кон справување со своето болно тело и општествените норми со кои била израсната.

„ВИЗИИ ОД СРЕБРЕНИОТ ВЕК“ – ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНА ДЕКОНТАМИНАЦИЈА – БЕЛГРАД, СРБИЈА

„Визии од сребрениот век“e приказна за незамисливото; Фатима им припаѓа на преживеаните, додека нејзиниот маж и син, како и многу други, не. Воените профитери не дозволуваат војната да заврши. Мировните трупи немо набљудуваат. Нема помош за жртвите. Тие стануваат недопирливи во сопствената осаменост. Театарот не мора да се занимава со политика и, најверојатно, нема да може да понуди решение. Но, може и треба да поставува прашања за луѓето кои се вмешани во историските случувања, за оние кои преживеале и кои мора да продолжат да живеат со товарот на преживеаното.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП