21 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЕвропските денови на културното наследство започнуваат од 20-ти септември

Европските денови на културното наследство започнуваат од 20-ти септември

Повеќе од триесет европски земји ќе се приклучат на одбележувањето на Европските денови на културното наследство во знакот на заедничката тема „Природата и културното наследство“. Националната галерија на Македонија ќе реализира настан во рамките на оваа европска иницијатива и ќе земе учество на манифестацијата со тематска изложба „Урбани документи: пејзаж-град предел“ во просторот на „Мала станица“ на 20 септември од 12 часот.

Селектираниот избор на дела на тема урбан предел од богатата колекција на Националната галерија на Македонија е сочинет од слики на познати и афирмирани автори, меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски-Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Предраг Милосављевиќ – Пеѓа, Милан Коњовиќ, Мича Поповиќ и други. Голем дел од нив ќе биде презентирани првпат пред јавноста на оваа изложба. Сите тие имаат посебен карактеристичен урбан лик, интересни се за ликовната публика како од аспект на ликовни дела така и од аспект на историски и документарен карактер како сведоци на едно минато време. Некои дела се со веќе препознатливи мотиви, на пример, некој детаљ од Скопје, но и дела инспирирани од Тетово, Кратово, Париз, Венеција, Загреб, Белград, Задар итн.

Изложбата вклучува и едукативни елементи преку едукативни работилници кои би овозможиле не само запознавање со овој дел од ликовното творештво, туку воедно би стимулирале и интерес кај ликовната публика, посебно кај помладата.

Одбележувањето на “Европските денови на културното наследство“ започна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и поддршка на Европската унија. На почетокот, активности поврзани со оваа манифестација биле реализирани само во неколку земји, но веќе една деценија земаат учество сите европски држави. Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година. Целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.

Националната галерија на Македонија, институција од национален интерес која долги години во континуитет го подржува образовниот процес, упатува покана до сите училишта и ученици и за истите најавува дека во текот на манифестацијата од 20-ти до 22-ри септември ќе овозможи бесплатен влез.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП