18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Отпорот е залуден“ на Валтер Сити – нова книга од „Или-или“

„Отпорот е залуден“ на Валтер Сити – нова книга од „Или-или“

Oд печат излегува новиот превод од италијански јазик на книгата „Отпорот е залуден“ од Валтер Сити. На досега издадените книги на автори како Алесандро Барико, Итало Калвино, Николо Аманити, Даниеле дел Џудиче, Сандро Веронези, Антониот Пенаки… им се придружува и Валтер Сити со наградуваниот роман „Отпорот е залуден“, кој од италијански на македонски јазик го преведе Калина Јанева. Ова е 156. книга во популарна едиција „ПРОаЗА“ на „Или-или“ , чие излегување е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.

Валтер Сити, италијански писател, книжевен критичар и есеист, е роден во Модена во 1947 година. По завршувањето на студиите во Пиза, сè до 2007 година работи како професор по современа италијанска книжевност на универзитетите во Пиза, Козенца и во Аквила. Има објавено две книги книжевна критика – „Реализмот на авангардата“ (1973) и „Неореализмот во италијанската поезија“ (1980), како и многубројни критички есеи на теми од современата италијанска поезија. Приредувач е и на собраните дела на Пјер Паоло Пазолини. По обидите да влезе во писателските води како поет, од деведесеттите години на минатиот век почнува да пишува романи, а последнава деценија има објавено и неколку збирки раскази. За романот „Отпорот е залуден“ (2012) ги добива престижните награди „Стрега“ и „Мондело“. Најновиот роман „Сè да се запали“ (2017) предизвика силни реакции во италијанската јавност бидејќи зборува за отец педофил опседнат со сексот.

Многу истраги ни имаат укажувано за сивата зона меѓу организираниот криминал и светот на финансиите, составен од податливи банкари, бескрупулозни брокери, корумпирани политичари, втора генерација криминалци со дипломи по економски науки, топло дочекани во најраскошните и најнеочекувани средини. Но, тешко е да се замислат во секојдневниот живот. Валтер Сити ги ползува ресурсите на книжевноста за да ни понуди живописен приказ на Томазо: момче со проблеми во минатото, несуден математичар и финансиски жонглер. Околу него се врти свет каде што парите владеат и изобличуваат, каде што сопственоста е единствената вредносна мера, телото е валута, а насилството е деловна предност. Запознаваме една умна спонзоруша и ангажирана писателка, ведар криминалец од римските предградија и меѓународен мафијаш што своето раководство го толкува како мисија. Свет каде што валканите и чистите пари се врзуваат во нераскинлив јазол, а разликата меѓу доброто и злото се чини неизвесна и нестварна. Во своето наративно истражување на коренитите промени на совремието Валтер Сити во „Отпорот е залуден“ го навестува задгробниот живот на демократијата: пекол што бара луцидно да се види и доживее пред (можеби и радикално) да се отфрли.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП