5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо петок во Прилеп изложбата „Дел од мене“ од уметниците Ферди Булут...

Во петок во Прилеп изложбата „Дел од мене“ од уметниците Ферди Булут и Дарко Талески

Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ в петок во 19 ч ќе биде отворена изложбата „Дел од мене“ од уметниците Ферди Булут и Дарко Талески од Прилеп.

Изложбата е дел од манифестацијата „Нов културен бран“, која ја реализира Министерството за култура.

Проектот го реализираат двајца ликовни уметници кои живеат во Пелагонискиот Регион на Македонија каде што сè уште како една од доминантните култури за финансиски приход е тутунот.

Во проектот „Дел од мене“ како основен материјал е земена саргијата (груба ткаенина изработена од коноп која се користи за вкалапување на исушениот тутун). Саргијата ја носи миризбата на обработениот тутун, којашто се впива на истиот начин како што миризбата се лепи за тутуноберачите.

Ферди ја користи саргијата како втора кожа. Кожата е еден вид меморија на животот. Ферди уште од најрана возраст се соочува со маката што ја носи тутунот. Преку фотографиите и кратките видеозаписи дел од видеоперформансот, тој е обвиен во саргија како негова втора кожа. Стиснат помеѓу мирисот и тежината во другите фотографии т.е. другиот дел од перформансот Ферди се обидува да се ослободи од таа тежина. Колку и да е силно и вистинско тоа одделување, остава свои траги. Тоа е причина за дел од фотографиите на перформансот да се види втора кожа, овој пат проѕирна (проѕирна фолија) како симбол на трагите кои остануваат врз личноста од социјалните и општествените случувања во кои расне, созрева, живее и твори.

Дарко во последните 2 години експериментира со состојбата на неговата кожа (demography т.е. цртање на кожа) како медиум за уметничко изразување.

„Кожата го покрива телото и истовремено има улога да нè заштити од другите, но и да нè прикаже пред другите. Дел од книгата ‘Мислење преку кожата’ од Сара Ахмет и Џеки Сатјси е следниот текст: мислата не се одразува само на телото како изгубен објект на мислата туку на целосната слика за нас самите, на начинот на постоењето – со, и постоењето – за, каде што еден допир е допир на другите. Проучувајќи го ова јас разбрав дека мојата личност е се рефлектира преку мојата кожа“, вели Дарко Талески

Честопати неговото творештво е поврзано со обидот за преземање на емоциите на другите и нивно интерпретирање на сопствен начин (ставен во туѓа кожа). На сличен начин и во овој проект е вклучен уметникот кој ја користи сопствената кожа како медиум за интерпретирање на емоциите на другиот уметник, поаѓајќи и испреплетувајќи ги сопствените емоции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП