20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Последните камбани“ со награда на светскиот филмски фестивал во Монтреал

„Последните камбани“ со награда на светскиот филмски фестивал во Монтреал

Краткометражниот филм „Последните камбани“ ја освои првата награда за кратки филмови на 41. „Монтреал ворлд филм фестивал“, Канада, кој се одржа од 24 август до 4 септември.

Во конкуренција за наградата беа прикажани четириесетина кратки филма од целиот свет, но жирито одлучи да ја додели токму на единствениот македонски претставник.

Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

„Пред десет дена сметав дека да се учествува на фестивал од калибарот на оној во Монтреал претставува и чест и одговорност. Но, да се победи на него, и тоа при првото фестивалско учество на филмот, тоа е веќе признание за сите што го овозможија неговото создавање. Мето Јовановски уште на почетокот ми даде до знаење дека во сценариото го препознал потенцијалот за таа идеја да биде општо прифатена и препознаена“, вели режисерот Поповски.

Продуцентот Гоце Кралевски додава дека по успехот и наградата во Монтреал, „Последните камбани“ продолжува со фестивалско прикажување во официјална конкуренција на фестивалот за краток филм во Драма, Грција.

„Се надевам дека покрај визуелните наративни квалитети, и наградата на фестивалот во Монтреал ќе ги отвори вратите за многу нови фестивалски учества и достојна промоција на ‘Последните камбани’“, рече Кралевски.

„Последните камбани“ е остварување што говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со својот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа ја сочинуваат и Сања Николовска-Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а остварувањето е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП