Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2017 година му е доделена на авторот Михаил Ренџов за книгата „Јас. Елегии“ (издание на „Макавеј“ од Скопје).
„Книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов е комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност. Поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма се хармонична тријада врз која е цврсто втемелена книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и таа неоспорно претставува творечко резиме на овој автор“, стои во образложението на жири-комисијата во состав: Глигор Стојковски (претседател) и членовите: Димитар Пандев, Кристина Николовска, Иван Џепаровски и Јовица Тасевски – Етернијан.
„За мене беше восхитително и тоа што сум во најтесниот круг од 38-те пристигнати поетски ракописи. На овие години да се добие наградата е најпрвин поклонение на браќата Миладиновци, а и признателност за 25-те книги што досега ги имам напишано. Трудот не бил залуден и во оваа заодност на животот најдов причина и понатаму да пишувам“, рече поетот Ренџов.
На годинашниот конкурс пристигнаа 38 поетски книги, од нив жирито селектира пет збирки, а во најтесниот круг се најдоа „Јас. Елегии“ на Ренџов и „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски.
Наградата „Браќа Миладиновци“ е утврдена во 1963 година како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала. Таа е најголемата национална награда за поетско творештво во Република Македонија. Оваа година СВП за половина го зголеми фондот на најпрестижната книжевна награда за творештво на македонски јазик, а како дел од неа е и преводот на книгата на добитникот на еден странски јазик.
Во меѓувреме на фестивалот стигна и одличната вест дека поетската платформа „Версопоилис“ и нејзините 15 партнери, поетските фестивали, меѓу кои е и Струшките вечери на поезијата, ја добиваат поддршката од програмата „Креативна Европа“ и за наредните 4 години.
По претпладневното поетско матине во манастирскиот комплекс во Калишта, денешниот ден на Струшките вечери продолжува со поетското кафе со претставници на поетски фестивали и платформи од странство, вечер на современата македонска поезија, поетски портрети и читања до доцна во ноќта.