10 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавена драмата „Низини“ од Анжел Гимера

Објавена драмата „Низини“ од Анжел Гимера

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје неодамна ја објави познатата драма „Низини“ од каталонскиот писател Анжел Гимера, во превод на Дарко Цветаноски.

Анжел Гимера (1845-1924) е најважниот писател на каталонската ренесанса кога каталонскиот јазик повторно се јавува како книжевен јазик. Тој дури 23 пати бил номиниран за Нобеловата награда за литература, но не ја добил поради политички причини поради притисоците од страна на шпанската влада. Неговите драми се преведени на многу јазици и се изведувани во многу земји. Автор е на голем број светски познати драми напишани на каталонски јазик, кои се преведени на повеќе јазици и изведувани во многу земји во светот. Најпознати од нив се „Низини“, „Марија Роса“ и „Ќерката на морето“.

Драмата „Низини“ (1896) е љубовно-социјална и трогателна приказна. Главниот лик е Марта, сиромашна селска девојка, млада љубовница на Себастијан, голем земјопоседник. Тој мора да се ожени со богата жена. За да стави крај на озборувањата за врската со Марта, но и покрај тоа да ја задржи како љубовница, Себастијан ја мажи за несвесниот Манелич, млад овчар од планините, и ги сместува младенците во селската воденица. Марта се наоѓа во ситуација да биде растргната помеѓу стариот авторитарен љубовник и новиот мил сопруг.

„Низини“ е најпознатото дело на Гимера и станува меѓународна сензација веднаш по својата театарска премиера, а преведена е на над 15 јазици. Освен што е многу изведувана во театрите во светот, трипати е адаптирана за опера, а е филмувана дури осумпати, од кои еднаш и во режија на култната германска режисерка Лени Рифенштал (1954).

Оваа драма е прво дело на Гимера објавено на македонски јазик.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП