2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на странските инвестиции – новата Влада најавува нова политика

Пад на странските инвестиции – новата Влада најавува нова политика

Во Македонија влегле 160 милиони евра странски инвестиции во првите пет месеци од годинава што е за 36 милиони помалку од истиот период лани. Најмногу пари дошле од Бермудите, а најмногу заминале за Обединетото Кралство. Новата Влада најавува нова политика, но и почитување на веќе потпишаните договори. Колку пари потрoши земјава за привлекување странски капитал и кој се ефектите?

За пет месеци 160 милиони евра странски инвестиции

Странските директни инвестиции достигнале 160 милиони евра во првите пет месеци од годинава што е за 36 милиони евра помалку во однос на истиот период лани.

Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) најмногу пари влегле во февруари и март (50 односно 64 милиони евра), а во јануари имало негативно салдо односно одлевање на капитал во вредност од 9 милиони евра.

Минатата година Македонија ја заврши со вкупни директни странски инвестиции од 358 милиони евра.

Гледано по години, на земјава најдобро и одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та инвестициите достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони, во 2015-та 216 милиони евра.

Бермуди е најголем инвеститор во Македонија

Последните податоци за потеклото на парите се однесуваат само на првиот квартал од годинава. Така, во периодот јануари – март вкупните инвестиции во Македонија достигнале 105 милиони евра.

Најмногу пари дошле од Бермудите, речиси 13 милиони евра. Следат Австрија со скоро 10 милиони и Луксембург со нешто над 6 милиони евра.

Во истиот период имало и повлекување на средства, најмногу кон Обединетото Кралство, дури 76 милиони евра.

Новата Влада со нова политика кон странските компании

Новата Влада најави и нова политика кон странските компании. Субвенциите ќе зависат од висината на платата што ќе ја даваат на своите вработени. Посебен акцент ќе биде ставен кај вработувањето на високообразовниот кадар.

„Секој инвеститор ќе добие помош доколку даде одредена нето плата. Тоа значи висината на помошта што ќе ја добие ќе биде врзана со дадената нето плата. Па вие, ако давате мала нето плата, нема зошто државата дополнително да ве субвенционира. За сите што имаат завршено високо образование и сакате да ги вработите, за нив ќе има посебни субвенции, но само ако им дадете достојна плата“ изјави минатата недела вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Новите правила ќе почнат да се применуваат од септември до кога треба да бидат објавени и сите детали околу новиот модел на субвенционирање.

Кои поволности досега ги добиваат странските инвеститори?

Поволностите за странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираа во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања, инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500 000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Новата Влада најави дека ќе ги почитува старите договори со постоечките инвеститори.

„Договорите кои се потпишани од страна на Република Македонија со инвеститорите во ТИР зоните, локалните економски зони или во браунфилд инвестициите, ќе бидат во целост испочитувани, и тука нема потреба од никаква грижа. Во договорите има обврски и од страна на инвеститорите и од страна на државата. Доколку инвеститорите ги исполнуваат своите обврски согласно договорите, државата во целост ќе ги исполни своите обврски“ рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Странските инвестиции „лапнале“ близу 200 милиони евра?!

Потрошените пари за субвенционирање на странските фирми во Македонија веројатно се повисоки од сите досегашни проценки, објави Дојче веле.

„Во тек е анализа, од која ќе произлезе резултат за кумулативната сума која што била доделена во форма на директна финансиска помош на странските инвестиции. Кога ќе биде завршена анализата, податоците ќе бидат јавно објавени. Од досега утврденото е детектирано дека дискреционо се одредувани сумите, односно различни правила се применети за различни компании. Државната помош што била доделувана изнесувала од 10% до 49.9% од вредноста на инвестицијата“, велат за Дојче веле од Владата.

Според Дојче веле станува збор за сума од близу 200 милиони евра која била поторшена во последните 9 години, период во кој во Македонија влегоа странски инвестиции од близу 10 милијарди евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП