20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Измени во поврат на ДДВ, нови мерки за наплата на даноците,...

Заев: Измени во поврат на ДДВ, нови мерки за наплата на даноците, промена на начинот на царинење

“Од есен кога очекуваме да се консолидира буџетот, повратот на ДДВ ќе се реализира директно од трезорот, без притоа да се чека одобрување од министерот. Министерот и Управата за јавни приходи ќе бидат само неми набљудувачи на тоа”, рече Заев.

Премиерот најави измени и во начинот на царинење, каде што, како што рече, се забележани голем број противзаконски дејствиа и привилегирање фирми.

Во однос на спречувањето на сивата економија за која бизнисмените рекоа дека тешко ќе се искорени ако нема добра инспекција, Заев најави поинаков начин на работа на инспекторите.

“Нема веќе да се толерира инспектор да доаѓа во фирма за да каже дека мора да казни ниту, пак, да му ја најави инспекцијата на директорот на кој се жалеле работниците. Инспекциите мора да бидат реализирани според одредена процедура. Ако се најде незаконитост, ќе се опомене бизнисменот да ја поправи, но ако не го стори тоа, тогаш ќе следува казна можеби и повисока од сегашните”, рече Заев.

Спречувањето на сивата економија, како што рече премиерот, ќе се реализира заедно со процесот на подобрување на наплатата на даноците. Во овој контекст рече дека ќе се посегне по мерки што ќе значат чесно наплаќање на даноците, а ќе се активира и поврат на ДДВ за граѓаните. Во тие рамки најави крај и на плаќањето на дел од платата во кеш.

Во еден момент ќе ги замрзнеме придонесите за плата на одредено ниво и ако сака бизнисменот да исплати 40.000 денари плата, тој ќе плати придонес само на 25.000 денари. Така ќе ставиме крај и на исплатата на дел од платата во кеш на штета на работниците и на државата – рече Заев.

Премиерот и неговиот економски тим ветија решавање на деценискиот проблем со индустриската зона Визбегово и решавање на проблемот на поплавените бизниси во населбата Ченто.

Во врска со барањето да се укине членот 205 од Законот за извршувањето, кој, како што рекоа бизнисмените, им е пречка во наплатата на парите од општините и учеството на тендери, премиерот рече дека прво треба да се стават на здрави нозе институциите, па потоа да се укине членот.

“Ако прво го укинеме членот, 50 отсто од институциите и општините ќе колабираат, односно треба да ги затвориме пред да можат да ги намират долговите. Затоа сакаме прво да изнајдеме пари за покривање прво на долговите, нивно финансиско заздравување, а потоа може да се размислува за укинување на тој член од Законот” , појасни Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП