Десетте највисоки функционери на Европскиот парламент ќе добијат значително зголемување на платите што ќе ги чинат законодавните тела на Европската унија и европските даночни обврзници вкупно 324.000 евра годишно.
Како што објави „Политико“, просечното зголемување на платата по лице е 32.400 евра годишно.
Службениците на кои им е доделено зголемување на платата се Кристијан Манголд, задолжен за комуникации, Елен Робсон, задолжена за човечки ресурси, Хуан Карлос Хименез Марин, задолжен за логистика поврзана со преводи, и Лоренцо Манели, задолжен за ИТ и сајбер безбедност.
Покрај нив, тука се и Гај Молс, задолжен за безбедноста, Моника Штрасер, чиј делокруг на работа го вклучува буџетот, како и Михаел Шпајзер, задолжен за економската и индустриската политика.
По нив следуваат Андерс Расмусен, заменик-генерален секретар за хармонизација на законодавството, кој ќе биде унапреден на повисока позиција, и Саналина Лепола-Хониг, генерален секретар за парламентарна соработка, која исто така ќе напредува во хиерархијата.
Алесандро Кјокети, генералниот секретар, исто така ќе добие зголемување на платата. Неговата месечна плата ќе се зголеми од сегашните 20.536,29 евра на 23.235,49 евра пред оданочување, објавува „Национал“.
Кога ќе се повлече линијата, десетте највисоко рангирани функционери на Европскиот парламент треба да заработуваат 278.825,88 евра повеќе годишно отколку порано. Овие приходи не подлежат на белгиските прописи за данок на доход, туку на внатрешните правила за оданочување за вработените во институциите на Европската Унија, со стапки кои се движат од осум до 45 проценти. Секако, има и придонеси.
Покрај самото зголемување на платите, службениците ќе добијат и голем број други бенефиции.
Сѐ на сѐ, овие зголемувања би можеле да го чинат Европскиот парламент околу 324.000 евра годишно.
Мартин Ширдеван, копретседател на политичката група на левицата во Европскиот парламент, го критикуваше зголемувањето на платите на службениците, велејќи дека Парламентот се чини дека си служи сам на себе. Додека луѓето низ ЕУ страдаат од последиците од временските непогоди, а постарите лица се борат да преживеат.