Кога се решава стратегијата за преговори за „Brexit“, можеби е подобро да се слушнат мислењата на поранешните министри за финансии на Грција, отколку да се потпираат на шаблонската мудрост на најискусните дипломати во Брисел, коментира Волфганг Мојнхау од „Eurointelligence“.
Работата на дипломатите во Брисел е да подготват средбите на Советот на Европската унија. Тие се искусни преговарачи. Разбираат политичките и економските ограничувања на другите европски земји и законските процедури во ЕУ. Со право тврдат дека довербата е од значење. Во својата работа, тие постојано тргуваат една позиција за друга. Никогаш не уништуваат противници, бидејќи следниот месец ќе се состанат повторно.
Преговорите околу „Brexit“ се доста различни. Тоа е борба на 27 наспроти еден, слично на преговорите за спасувачки заеми во еврозоната. Главниот преговарач во ЕУ, Мишел Барние веќе добил упатствата од Европскиот совет. Секој компромис кој ќе се договори, ќе треба да се одобри, во повеќето случаи едногласно, од 27 држави и влади. Неговиот тим од преговарачи се занимава со ситни букви. Големите работи веќе се решени наместо него.
Разговорите меѓу еврозоната и Грција во 2012-ра, 2015-та и оваа година се подобар пример за видот преговарачки процес кој може да го очекуваме. Пред изборите Тереза Меј велеше дека никаква зделка е подобра од лоша зделка. Вистината е дека можеш да кажеш дали никаква трансакција е најдобра опција, само кога ќе видиш каква е лошата, пишува Мојнхау.
Во случајот на Грција никаква трансакција навистина ќе беше подобра, отколку лош договор. Земјата се наоѓа во речиси непрекината рецесија од 2008-ма година. Според последниот договор Грција договори одржувањето на примарен суфицит – пред плаќањето на каматите од 3,5% од бруто домашниот производ до 2022-ра година, што според Меѓународниот монетарен фонд е одржливо ниво.
Земјата е фатена во стапицата на маѓепсаниот круг од слаб раст и штедење. Во 2015-та година, Грција имаше избор да стане колонија на еврозоната или да ја напушти. Таа избра ропството и ја плаќа цената во форма на постојана депресија.
Втората лекција од оваа епизода е дека човекот има потреба од план Б. Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис имаше планови да воведе систем за паралелни плаќања, кој требаше да и овозможи на Грција да прогласи банкрот по своите долгови, додека во исто време да остане во еврозоната . Планот беше неприфатлив и според мое мислење, пишува Мојнхау, требаше да доведе до подобри резултати од капитулацијата.
„Велика Британија исто така има потреба од сигурен план Б, детално пресметковна процедура за чекорите кои се преземаат, ако преговорите се распаднат. Сеуште сметам дека шансите за договор во рамките на процесот на Член 50 за излез од блокот не се лоши, бидејќи повеќето значајни прашања можат да се решат со некоја имагинација“, дополнува Мојнхау.
Третата лекција е дека едностраните предлози секогаш се отфрлаат. Не е изненадувачки, дека европските лидери го отфрлија едностраното напорот на Меј да ги гарантира правата на граѓаните на ЕУ како недоволни. Тоа се случуваше и секој пат кога грчките политичари нудеа компромисно решение во 2015-та година.
„Но ако грешам и нема договор за Член 50“, продолжува авторот, Велика Британија и ЕУ во најмала рака ќе имаат потреба од билатерален трговски договор, само за да управуваат со протокот на стоки. Постоењето на план Б ќе биде и сигнал за другата страна дека постои ризик да „затрепери раката“ во преговорите.
Тргнувајќи од позицијата во која се наоѓаме сега, има само еден разумен резултат од „Brexit“, имено верзијата претставена од министерот за финансии Филип Хамонд: преговорите за Член 50 да се продолжат врз основа на мандатот на Меј – со излез од единствениот пазар и царинската унија – но да се бара преоден период кој ќе го омекне економското влијание. Тој може да продолжи 5 години, со можност да се продолжи уште. Тоа би требало да даде доволно време за двете страни да преговараат темелно за договорот за асоцијација и трговија.
Жално е што толку многу приврзаници на останувањето во ЕУ сакаат да се укине „Brexit“, наместо да се борат за прагматичната идеја за долг претходен период на единствениот пазар. На овој начин тие го ублажија своето влијание во дебатата. Верувам, пишува Мојнхау дека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск неразумно продолжува да зборува за оваа можност.
Најважната задача и за двете страни треба да е да се зајакне довербата, приоритетните принципи за преоден период. Тоа, повеќе од било што друго, ќе обезбеди сигурност за компаниите и луѓето. Британската влада треба да бара широк парламентарен консензус во корист на транзицијата. Пораката што Велика Британија треба да ја испрати кон ЕУ, е дека нејзината посветеност кон Brexit е „тврда“, но процесот околу „Brexit“ ќе биде „мазен“. А европските лидери треба да престанат да сонуваат дека „Brexit“ може да биде спречен.