20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништвото забавува – дали напукнува столбот кој го држи економскиот раст?

Градежништвото забавува – дали напукнува столбот кој го држи економскиот раст?

Градежништвото со се побавно темпо. Компаниите со значително послаби резултати годинава. Финансиските извештаи за првиот квартал покажуваат пад на приходите и профитите речиси кај сите. Последните години токму овој сектор беше главниот столб на кој се потпира економскиот раст.

Гранит АД Скопје во првиот квартал од годинава остварил чист профит од речиси 361.000 евра што е за 3% помалку од истиот период лани. Приходите достигнале 19.3 милиони, а расходите 18.9 милиони евра.

Бетон АД Скопје во периодот јануари – март имал заработка од само 29 илјади и 500 евра што е за дури 91% помалку во однос на истиот период лани. Ваквиот драстичен пад е резултат на преполовените приходи.

За истиот период заработката на Бетон АД Штип достигнала 65 илјади и 600 евра што е за 80% помалку. Падот исто така се должи на намлените приходи за 36%.

Намалена заработка од 35% има и Цементарница Усје АД Скопје. Достигнала 1.8 милиони евра.

Адинг АД Скопје има намален профит за 87%. Во првиот квартал годинава достигнал само 3 илјади евра, а лани бил 23 илјади и 800 евра.

Единствено Мермерен комбинат АД Прилеп има подобри финансиски резултати во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани, но тоа е пред се поради тоа што минатата година компанијата имаше загуба од 178 илјади евра. Сега е остварен профит од 1 милион и 489 илјади евра.

Овие резултати се разликуваат од очекувањата што ги имаа менаџерите. Тие во анкетата Државниот завод за статистика (ДЗС) се изјасниле дека економската состојба во првиот квартал од 2017-та е подобра во однос на истиот период од 2016-та, но и дека во наредниот период очекуваат продажните цени да се зголемат, a како ограничувачки фактори ги навеле зголемените трошоци за материјали, слабата побарувачка и конкуренцијата.

Дел од бизнисмените и економистите веќе предупредија дека градежниот сектор не може да биде единствениот столб на кој се потпира растот.

„Неизвесно е колку е одржлив ваквиот раст, со оглед на тоа што градежните проекти нема да можат да продолжат вечно. Вториот е што овој раст завршува во рацете на мал број луѓе, со што се продлабочуваат социјалните разлики“, изјави пред неколку месеци аналитичарот Бранимир Јовановски.

Според податоците на ДЗС лани градежништвото остварило раст од дури 18.5%. Во првиот квартал растот бил 6.9%, во вториот 31.4%, во третиот 10.3%, во четвртиот 28.5% или вкупно за цела година 18.5%. Секторот беше и главната компонента која изѕида вкупен економски раст од 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП