3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку компаниите се грижат за безбедноста на работниците?

Колку компаниите се грижат за безбедноста на работниците?

За една недела повеќе несреќи – само викендот два смртни случаи и една сериозна повреда на работното место.

25 годишен градежник загина откако врз него паднала лесонитна плоча, 56 годишен дрвосечач исто тако почина откако врз него паднало дрво, а 32 годишник е повреден во фабриката „11 Октомври“.

Лани 40-тина работници ги загубиле животите, а стотици се повредуваат секојдневно додека извршуваат работни задачи. Од Здружението за заштита при работа велат дека за црната статистика одговорни се и работодавачите, но и самите работници.

„Тие сметаат дека е само трошок и дека тоа на некој начин им е наметнат притисок од страна на државата за да се промовираат правата на вработените. Во ваков случај зборуваме за бизнисмени кои не припаѓаат на 21 век“ вели Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа.

Сепак оценуваат дека состојбите се подобруваат.

„Конечно почна да се зголемува свеста на газдите, но потребно е да се работи и со вработените за да ги почитуваат тие мерки кои се предочени и да внимаваат на своето здравје“ вели Славица Јанкова, Македонско здружение за заштита при работа.

Најголем дел од работниците не пријавуваат неправилности плашејќи се дека ќе останат на улица. Работодавачите, пак, и самите признаваат дека компаниите мора да сфатат дека заштитата при работа не е само трошок туку и инвестиција – само здрав работник е продуктивен работник

„Мотивацијата не е само во платата туку и во безбедноста на работникот… Треба да биде јасно дека незадоволен работник секогаш може да изведе т.н. ‘бел штрајк’, секоја инвестиција во мотивиран работник односно неговата безбедност и здравје, неговата сигурност е инвестиција која ќе роди со плод“ објаснуваат во Конфедерација на работодавачи.

Оттаму велат и дека не е доволно само фирмите да обезбедат систематски преглед за работниците и да направат проценка за ризик, туку и реално да ја обезбедат нивната сигурност на работното место.

Ретко кој работник си ги знае законските права.  85% од нив не знаат како треба да бидат заштитени на работното место, ниту пак каде можат да се обратат при повреда на работа. Најголемиот број од смртните случаи и повреди на работа се случуваат во земјоделството, најчесто при управување со трактори. Во најризичните сектори се вбројуваат и транспортот, градежништвото и црната металургија.

На територијата на Македонија Државниот инспекторат за труд годишно прави по над 13.000 редовни и 1.500 вонредни односно контроли по пријава од работник. Тоа резултира со по околу 3.500 решенија за глоби или за отстранување на неправилности.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП