28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРистановски го освои Загреб со „Иванов“

Ристановски го освои Загреб со „Иванов“

По разочарувањето со поставката на „Иванов“ на Еимунтас Нокрешиус на Хрватското народно казалиште, загрепската публика со овации го испрати неодамнешното гостување на белградското Народно позориште со „Иванов“ на Татјана Мандиќ Ригонат.

По премиерата на неуспешниот „Иванов“ на ХНК, во Загреб гостуваше белградскиот „Иванов“. Чехов на Народното позориште со големиот Никола Ристановски – беше фамозно! Со овие зборови театарскиот критичар Борис Хомовец во загрепски „Телеграм“ се осврнува на претставата во која се истакнува Ристановски во насловната улога.

Опширната критика на Хомовец започнува со констатацијата дека режисерката на белградскиот „Иванов“, Татјана Мандиќ Ригонат, го нокаутирала Еимуинтас Нокрешиус, режисерот на загрепската верзија на пиесата на Чехов.

„Ригонат направила претстава каква што посакувам веќе со години и покажа дека уште постојат одлични режисери кои не се извикани ѕвезди, кои знаат да постават претстава со голем ансамбл. Според класичниот текст, со првокласни глумци кои имаат модерен пристап кон автентичниот текст, а при тоа не го масакрираат. Заради нив има смисла да се занимаваш со оваа работа и да го следиш театарот, а во ретки моменти и да уживаш во магијата на сцената. Беше тоа вечер на триумф на уметноста, театарот и убавината, која ги победи политиката, тривијалноста и празнотијата на другата страна“, воодушевено пишува загрепскиот критичар.

Инаку, „Иванов“ ја имаше премиерата на сцената на Народно позориште од Белград во октомври минатата година.

„Бев оптимист, а сега… Се уморив… не верувам… Мојата земја е пропадната“, гласи една од првите реплики што ги изговара Ристановски како Иванов, и токму таа реплика беше во фокусот на белградските медиуми по премиерата.

Ригонат е етаблирана режисерка, дипломец во класата на познатиот театарски мајстор Дејан Мијач. Во „Иванов“ таа има ангажирано врвни професионалци, како словенечкиот сценограф Бранко Хојник, кој ја дизајнирал сцената како ринг, во кој се наоѓаат тројцата главни глумци и оркестар составен од тројца музичари, кој постојано свири. Визуелноста на поставката е надополнета и со прекрасните костими на Бојана Никитовиќ, па фустаните кои ги носат протагонистките Нада Шаргин и Хана Селимовиќ истовремено се класични и современи.

Ригонат го подготвувала „Иванов“ три месеци, па затоа ова е претстава на атмосфера, чеховска меланхолија, во која уживате во секоја реченица која глумците ја изговараат правилно, смета Хомовец.
Тој истакнува дека претставата ја носат тројцата глумци: Ристановски како Иванов, Шаргин како Ана Пертовна и Селимовиќ како Саша.

„Овде нема надигрување, овде никој не бутка никого за да се пробие во прв план, овде колегите се почитуваат меѓусебно, имаат фина интеракција, реагираат во секунда и тоа се чувствува“, пишува критичарот, додавајќи го и придонесот на глумците Предраг Ејдус, Бранка Петриќ, Никола Вујовиќ, Ненад Стојменовиќ, Даниела Угреновиќ, Бранко Видаковиќ…

Сепак, целиот респект на критичарот оди на сметка на Никола Ристановски.

„Ристановски е најдобриот и најубав Иванов којшто сум го видел кога било. Толку е суптилен, нежен, ранлив, несигурен, несреќен, збунет, тивок кога треба, но духовен, искрен и фасцинантно моќен кога треба силно да го подигне гласот, што не се сеќавам кога последен пат толку уживав во нечија глума на сцена“, вели Хомовец.

Критичарот додава дека седел близу сцената, и еве ги неговите дополнителни импресии.

„Набљудував како додека глуми е со боси нозе, па глуми дури и со ножните прсти! Ристановски, притоа, е маркантен, згоден човек и многу убаво говори. Голема штета е што сите наши големи и извикани глумци не дојдоа да го видат колегата од кого би можеле многу да научат. И како се игра на сцената без патетика, непотребни гестови, бесмислено урлање и гримаси. Да видат како големите глумци се најголеми кога се тивки и скромни, а толку моќни. Никола Ристановски е токму таков, денес еден од најголемите на овие простори. И заслужува голем респект, токму како оваа врвна претстава на Татјана Ригонат…“, заклучува Хомовец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП