6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНеефикасна економија – повеќе енергија за помал резултат

Неефикасна економија – повеќе енергија за помал резултат

Три пати повеќе енергија за истиот резултат – македонската економија е далеку понеефикасна од европскиот просек.

На 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Европската Унија се вложуваат 122 кгне. Ова го покажуваат податоците од публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика (ДЗС). Единствено Естонија, Србија, Бугарија и Исланд имаат полоши перформанси од Македонија.

„Намалената енергетска интензивност значи помало количество на енергија потребно за производство на ист аутпут, што е поврзано со енергетската ефикасност… Високата енергетска потрошувачка е резултат на високата енергоинтензивност на капацитетите – носители на економскиот раст. Речиси една третина од потрошувачката на електрична енергија е резултат на високоенергетските интензивни индустрии“ стои во образложението од публикацијата на ДЗС.

Европски пари за балканските земји

Европската Унија на балканските земји им стави на располагање 50 милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност.

„Предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и приватниот енергетски сектор во шесте држави и да придонесат за заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови… Ова е извонреден ефект што може да се постигне доколку се сконцентрираме на прашањето за енергетска ефикасност која што влијае и врз финансиите, но има и политичка релевантност. Ако штедите енергија не мора да ја увезувате и вашата политичка позиција се зацврстува “ изјави при промоцијата на проектот еврокомесарот Јоханес Хан.

Најголем дел од стратегиите и плановите остануваат само на хартија

И покрај се најголем дел од документите за енергетска ефикасност засега остануваат само документи – „Стратегија за развој на енергетиката до 2030 “, „Стратегија за унапредување на енергетската ефикасност до 2020 година“, „Стратегија за искористување на обновливите извори на енергија “, „Прв Акционен план за енергетска ефикасност до 2018 година“.

Во одредени сектори мерките се реализираат без проблеми, во некои со мали застои.

Според  овие зацртани цели Македонија треба да оствари годишни заштеди во потрошувачката на финална енергија од најмалку 147 килотони нафтени еквиваленти енергија до крајот на 2018 година, односно најмалку 9%, и тоа во следните сектори: комерцијален и услужен, индустриски, транспортен и станбен.

Што всушност е енергетската ефикасност?

Самиот поим на енергетска ефикасност нема посебна дефиниција. Како што и самиот зборот кажува се работи за ефикасно користење на енергијата. Оваа значи дека енергетска ефикасност подразбира  множество на мерки кои се превземаат со цел да се намали потрошувачката на енергијата, а кои не ги рушат постоечките услови на работењето.

Мора да се направи разлика помеѓу заштедата на енергијата и енергетската ефикасност. Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот.

Она што му е заедничко за овие два термина е намалување на енергетските трошоци. Но затоа начинот на ова намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството.

Концептот на енергетската ефикасност не се јавува само во потрошувачката на енергијата туку и во производството и дистрибуцијата. Загубите во производството на енергијата изнесуваат и до 66%! Загубите во транспортниот сектор (железнички, патен и друг вид на сообраќај) изнесуваат околу 71%, во индустријата и во домаќинствата по околу 20%.

„Таа е неопходност и еден од највредните и најекономични ресурси кој обезбедува економска стабилност, заштита на околината и намалување на увозот на скапите енергенси. За таа ќе мора да се обезбеди време за изградба на новите објекти и да се примени во постоечките оти секој денар вложен во енергетска ефикасност се враќа назад како три денари добивка. Сите нови реконструкции на болници, училишта, нови автобуси, ново улично осветлување, како и граѓаните кои ги менуваат прозорците и прават изолација на домовите се дел од мерките за енергетска ефикасност“, вели професорот Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП