13 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВременска изложба на дела на Димитар Кондовски како портретист, сценограф и костимограф

Временска изложба на дела на Димитар Кондовски како портретист, сценограф и костимограф

Во продукција на музејот на МНТ, а по повод роденденот на театарот, вчеравечер беше отворена нова временска изложба посветена на ликовното творештво на Димитар Кондовски (1927-1993).

По повод роденденот на МНТ, а истовремено кога се одбележува 90-годишнината од раѓањето на несомнено најголемиот и најпродуктивниот портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог- Димитар Кондовски, отворена е голема временска изложба на неговите дела

Една од темите кои го преокупираат овој голем уметник, а која е од особено значење за театарското културно паметење е речиси, хронолошко портретирање на театарските уметници, со кои катадневно соработува: тие се неговите пријатели, вткаени уште од најраните години во неговиот творечки простор.

Така е создаден еден исклучително богат опус на „разговори-шепотања“ на уметникот со уметниците -скици и портрети на актери од сите генерации, со кои катадневно соработувал.

Авторки на изложбата се Јасминка Намичева и Катерина Намичева кои преку изложбата ќе се обидат да откријат дел од „затскриениот свет“ на Кондовски, изложувајќи за прв пат пред публиката огромен број портрети во најразлични ликовни техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки, од кои се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“ – примадоната Ана Липша-Тофовиќ; авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев; и уште цела галерија на ликови копј Кондовски со својата ликовна магија ги воздигна до вечноста.

Во рамките на виртуелниот концепт кој веќе неколку години го развива Музејот на МНТ, и за оваа изложба ќе биде подготвена 360-виртулена тура, која ќе биде достапна на веб-страницата на МНТ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП