21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДиректни авионски линии од Скопје до Њујорк и Торонто?

Директни авионски линии од Скопје до Њујорк и Торонто?

Авионски лет од Скопје до Њујорк и Торонто. Министерството за транспорт и врски ја разработува идејата за воспоставување прекуокеанска линија која директно ќе ја поврзе Македонија со Северна Америка.

„Воведувањето на ваков лет, воедно ќе овозможи и зголемување на бројот на патници кои ќе транзитираат низ домашните аеродроми, како и можност ‘Александар Велики’ да стане водечки регионален центар“, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски чиј прв човек, Владо Мисајловски, е во Истанбул на средби со менаџментот на TAV Holding и на Turkish Airlines.

„Имајќи предвид дека Turkish е една од водечките авиокомпании во светот, а веќе извесен период оперира од македонските аеродроми, се отвора можност прв пат да се воспостави еден интерконтинентален лет, што ќе ги задоволи барањата на македонските граѓани од дијаспората“ наведуваат од Транспорт.

Македонија уште пред повеќе од четири години потпиша спогодби со Соединетите Држави и со Канада кои овозможуваат директно воздушно поврзување.

Инфраструктура и правна рамка има, но докази за економска исплатливост нема. Директна конекција од македонската метропола до некој од американските центри беше најавувана уште веднаш по отворањето на новиот аеродром „Александар Велики“ во 2011-та, но оттогаш речиси ништо не е направено во оваа насока.

Србија веќе го направи сето ова. AirSerbia лета директно од Белград до Њујорк. Српскиот национален авиопревозник оперира на оваа линија три пати неделно. Повратните билети се со цени од околу 600 евра, во зависност од периодот и интересот.

Од друга страна Македонија нема да формира национален авиопревозник во блиска иднина. Неодамнешните анализи покажале дека тоа би било економски неодржливо. Ново истражување на пазарот се очекува дури по две години.

Од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП) велат дека во вакви услови и за патниците не би била добра таа опција – националниот превозник по закон би имал предност при воспоставувањето на сите конекции од Скопје и од Охрид што би довело и до поскапување на просечните цени на билетите.

„Консултантот имаше задача да направи процена на трошоците за кадар, за инвестирање во авиони, за преговарање со потенцијални партнери за сите слободи кои треба да се дозволат. Не се откажуваме, но под условите кога е правена анализата минатата година се покажа дека формирањето не е одржливо“ изјави неодамна првиот човек на АЦВП, Горан Јандреоски.

Македонија остана без национален превозник во 2009-та кога тогашен МАТ ја изгуби дозволата за летање поради финансиски проблеми.

Сепак, ова не беше пречка авио секторот да има значителни стапки на раст.  Минатата година заврши со 1.8 милиони патници на двата македонски аеродрома,„Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид, што е зголемување од 15%. Во истиот период бројот на летови бил зголемен за 8.9%, достигнувајќи вкупно 16.883.

Од Скопје во моментов директно се лета до 35 дестинации од кои најдалечни и единствени интерконтинентални се Доха и Дубаи.

Најголем играч на нашиот пазар е нискобуџетната WizzAir која е субвенционирана од државата. Лани превезе над милион патници и оствари годишен раст од 27%. Од Скопје и од Охрид нуди 29 линии до 13 држави.

Токму јакнењето на пазарот, според надлежните, ја остава можноста за формирање национален авиопревозник, но по неколку години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП