15 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку ќе заштедиме од топлото време? Повисоки температури = пониски сметки!

Колку ќе заштедиме од топлото време? Повисоки температури = пониски сметки!

По екстремно студените декември и јануари следеа натпросечно топли февруари и март. Прогнозите се дека ваквото време ќе продолжи. Ова е доволна разлика за да се одрази на сметките за греење велат енергетските експерти.

Најголеми заштеди имаат оние кои се греат на струја или 370.000 домаќинства, но крајниот позитивен биланс зависи пред се од системот за греење.

Ефикасните клима уреди при повисоки температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

„Оние што имаат клима уреди со инвертор, стручно наречени топлотни пумпи воздух – воздух, штедат најмногу. Системот работи автоматски, се одредува температурата на 20 или 21 степен и се вклучува само по потреба или пак работи само со мал дел од капацитетот, во вакви временски услови со 10 или 20 проценти. Тука е максимална заштедата“, вели професорот Ристо Цицонков.

Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената, велат експертите. Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс.

„Таму нема автоматика, самите треба да одредите колку дрва ќе наложите, па може да се направи погрешна проценка – наутро да се стават многу дрва а потоа денот да биде топол, па температурата во собата да биде и превисока. Тука се груби пресметките, па не се штеди толку“, објаснува Цицонков.

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Нивните сметки засега се исти, но се очекуваат порамнувачки со понизок износ веќе од следниот месец.

„Оние кои се приклучени на топлификација секако трошат помалку енергија. Но, овде крајните сметки зависат од повеќе фактори. Системот е гломазен, се вклучува уште рано наутро за топлината да биде дистрибуирана до домовите. Самите корисници не секогаш имаат термостати и регулаторни вентили. Сепак, во крајна линија се зависи од регулаторот и од снабдувачот“, вели Цицонков.

Аналитичарите сметаат и дека повисоките температури комбинирани со пониските цени на гасот и нафтата треба да бидат сигнал за Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да направи надолна корекција на цените на парното за наредната сезона.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП