МАКЕДОНИЈА

Се гради на големо во Македонија, но Светска банка предупредува каде завршуваат инвестициите

Македонската економија расте побрзо од претходните очекувања, но најголемиот дел од инвестициите и понатаму се концентрирани во градежништвото. Светска банка предупредува дека за долгорочен економски развој на земјата ѝ се потребни повеќе вложувања во технологија, производство и подобро платени работни места.

Во интервју објавено денеска за CE Report, Изолина Роси, виш економист на Светска банка за Косово и Северна Македонија, посочува дека економската активност во вториот квартал била посилна од очекувањата.

Градежното производство пораснало за повеќе од 20 проценти, а дополнителен придонес за економскиот раст имале повисоките плати, кредитирањето и потрошувачката на граѓаните.

Речиси две третини од инвестициите се во градежништвото

Иако инфраструктурните проекти ја поттикнуваат економијата, Светска банка укажува дека инвестициите во Македонија се силно насочени кон градежниот сектор, кој учествува со речиси две третини во вкупните инвестиции, според анализата наведена од Роси.

Многу помал дел од средствата се вложуваат во високотехнолошко производство и услуги што можат да создадат поголема додадена вредност.

Според Светска банка, изградбата на коридорите 8 и 10д веќе придонесува за економската активност. На подолг рок, овие проекти би требало да ги намалат транспортните трошоци и да ја подобрат поврзаноста на македонските компании со регионалните пазари.

Сепак, самиот раст на градежништвото не е доволен за создавање посилна и поконкурентна економија.

Светска банка гледа и ризици за наредните години

Меѓу главните предизвици се недостигот од квалификувани работници, иселувањето и слабата продуктивност на дел од домашните компании.

Роси предупредува дека нов раст на цените на енергенсите и суровините може повторно да ја зголеми инфлацијата и да ја намали куповната моќ на граѓаните.

Дополнителен ризик претставува евентуалното забавување на економиите во Европската Унија, што би можело негативно да се одрази врз македонскиот извоз.

Светска банка очекува јавните инфраструктурни инвестиции да останат еден од главните двигатели на растот во периодот од 2026 до 2028 година.

Но пораката е јасна, за граѓаните да почувствуваат поголема корист од економскиот раст, Македонија ќе мора да привлече повеќе инвестиции што создаваат продуктивни компании, квалитетни работни места и повисоки приходи.