28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Возвишување“ - објавен романот за авантурите на еден револуционер

„Возвишување“ – објавен романот за авантурите на еден револуционер

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објавува дека наскоро од печат излегува романот „Возвишување“ од бугарскиот писател Милен Русков.

Романот е добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2014 година, како и на наградите „Златен век“ на Министерството за култура на Бугарија и на националната книжевна награда „Христо Г. Данов“. Преводот на македонски е на Душко Крстевски.

„Возвишување“ се случува во Бугарија во 1872 година. Ова е време на самообразование и на преданост кон идејата за ослободување од угнетувачите. Претенциозниот раскош на револуционерните идеи се пробива и до свеста на две момчиња, чесниот полуобразован Гичо и неговиот наивен пријател, клептоман, Асен. Вооружени со пиштоли и со книги, од градот Котел тргнуваат да се приклучат на група разбојници револуционери. Со нив учествуваат во кражба на турски даночен конвој кај преминот Арабаконак – настан што ќе го означи пресвртот во нивните трагикомични авантури.

Овој напад е добропознат во историјата и поттикнал силна и безмилосна реакција на корумпираните османски власти и довел до масовни апсења и уништување на Внатрешната револуционерна организација.

Според оцените на критиката, поради оригиналната тематика и стил, „книги како оваа ниту се пишуваат лесно, ниту се објавуваат често“.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската унија.

Милен Русков (роден 1966) е бугарски писател и преведувач. Докторанд е по лингвистика. Автор е на три романи, сите наградувани со различни книжевни признанија. Како преведувач од англиски, превел дваесетина книги од автори како Томас де Квинси, Џером К. Џером, Мери Шели, Мартин Ејмис, Рави Хаж.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП