Молкот на институциите за тоа колку пари дала владата за да ги донесе странските инвестиции во Македонија, укажува на тоа дека тие знаат оти економскиот ефект е негативен, а изговорот дека договорите се дискрециони и не може да се кажат бројките поединечно, не ги оправдува да ја кажат цената на годишно ниво.
Ова беше речено на дебатата за странските инвестиции во Македонија во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).
Седум пати помалку пари се инвестирани од најавеното и три пати помалку отворени работни места од тие што биле ветени, покажа базата на податоци „Странските инвестиции под лупа“ изработена од БИРН.
Според истото истражување од 138 инвестиции што биле најавени или промовирани од Владата во период од 2007 до 2016 година, дури 43 воопшто не се реализирани или се пропаднати. Од 26 странски компании кои добиле државна помош само четири се држеле до договореното и вложиле онолку колку што рекле.
Сепак, како што рече професорот Абдулменаф Беџети, овие бројки и не се така разочарувачки, поточно квантитативниот бенефит и не е така лош, она што е лошо според него, е квалитативниот ефект, односно прашањето дали по завршувањето на субвенциите кои државата ги дава на овие фирми тие и понатаму ќе останат во Македонија.
Според професорот Марјан Петрески, единствениот бенефит од странските инвеститори во Македонија за сега се само платите на вработените, а тој укажува дека треба странските фирми да се поврзат со домашните, за на крај и ако заминат од Македонија на земјата да и остане добра технологија и подготвеност за работа.
Беџети рече дека оваа економска политика на владата во првите две години од нејзиното спроведување била добра, но од 2009 година наваму, одлуките не се донесувани врз основа на економски политики, туку врз основа на политика. Иако било понудено економисти од универзитетите да изработат анализи, според кои би се изградила економска стратегија, тоа никогаш не се направило.
За тоа, зошто им се дозволува на странските инвеститори да не го почитуваат договореното, иако им се даваат чисти пари на рака за работно место, што исто според Беџети е небулоза, а покрај тоа користат и инфраструктура и ослободување од даноци, тој вели и дека тие фирми имаат толку добри адвокати што веројатно според договорите кои се потпишани со македонската влада и не се прекршени, а нашите не можат ни да ги разберат. Посочи и неколку примери од претходни странски фирми како ЕВН, Телеком и другите, каде Македонија според меѓународното право, со споровите што ги водела никогаш не победила, и додаде дека тоа се случува и во другите земји од нашето опкружување.
Петрески е оптимист дека од странските инвеститори Македонија ќе има некој економски бенефит, но недостатокот на конкретни бројки, недостатокот на податоци за трошокот и повратниот ефект ги оневозможуваат аналитичарите да пресметаат кон која страна се движат работите.