22 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФилмот „Elle“ на Пол Верховен го доби Сезарот за најдобар филм

Филмот „Elle“ на Пол Верховен го доби Сезарот за најдобар филм

pol-verhoven-680x365_c

Трилерот „Elle“ (Таа) на режисерот Пол Верховен и француската актерка Изабел Ипер во главната улога во петокот ноќта во Париз станаа лауреати на престижната француска филмска награда Сезар за нбајдобар филм и најдобра актерка.

„Му благодарам на Пол што го постави овој филм толку интелигентно, толку смело, толку злонамерно. Во основа овој филм не го глумев подобро ниту полошо во однос на некои други филмови, но ми се чини дека Таа беше подобро забележан“, изјави Изабел Ипер која веќе во саботата патува во Лос Анџелес на доделувањето на Оскарите каде што, исто така, е номинирана во категоријата најдобра женска главна улога.

Инаку ова е втор Сезар за Ипер, по оној од 1996 година кога ја доби највисоката награда на француската кинематографија за главната улога во филмот „Церемонија“ на Клод Шаброл.

Приказната на овој мрачен стилизиран трилер ја следи педесетгодишната Мишел, успешна и немилосрдна деловна жена на чело на компанија која се занимава со производство на видеоигри. Кога во нејзиниот дом ќе биде нападната и силувана од маскиран маж, таа станува опседната да го пронајде непознатиот злосторник.

Филмот беше многу добро примен на фестивалот во Кан каде што го доби Златниот глобус за најдобар странски филм. Во Париз имаше единаесет номинации, но не доби ниедна друга награда.

Наградата за најдобар режисер ја доби Канаѓанецот Ксавиер Долан за филмот „It’s Only the End of the World“, додека Сезар за најдобар актер го доби Гаспар Улиел кој ја толкува насловната ролја во истиот филм.

Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Дебора Лукумуена за филмот „Divines“, додека лауреат во категоријата најдобра машка споредна улога стана Џејмс Тиери за филмот „Чоколада“ (Chocolat) Улеја Амамра и Нилс Шнајдер ги добија наградите за најдобри млади актери.

Сезар за најдобар анимиран филм го доби француско-швајцарската копродукција, филмот за растењето „Мојот живот како Тиквичка“.

Свеченоста на 42-то доделување на Сезарите се одржа во салата „Pleyel“, а интересно е што церемонијата немаше претседател по скандалот и полемиките околу изборот на режисерот Роман Полански.

Кон средината на јануари беше објавено дека тој ќе биде претседател на церемонијата, но веднаш реагираа феминистичките здруженија кои ги поддржа социјалистичката државна секретарка за семејство Лоранс Росињол, нарекувајќи го неговиот избор „зачудувачки и шокантен“поради обвинувањата против него за силувања и сексуална агресивност. Полански, од француско-полско потекло, потоа се откажа, а организаторите н е одлучија да побараат замена.

Џорџ Клуни го доби почесниот Сезар, а неговата сопруга Амал изјави дека е горда на него. „Горда сум на него, секако. Голема чест претставува да се биде тука., Првпат сме заедно во Париз, па ова е еден романтичен викенд“, рече Амал која течно зборува француски.

Минатата година Мајкл Даглас го доби почесниот Сезар, по Кевин Костнер во 2013-та, Скарлет Јохансон во 2014 и Шон Пен во 2015 година.

Наградата Сезар, или како што ја нарекуваат „францускиот Оскар“, е востановена во 1975 година, а се доделува од следната. Ја доделува француската Академија за кинематографски уметности и техники, а името го доби по скулпторот Сезар Балдачини, кој ја изработил статуетката која се доделува како награда.

Номинациите ги одредува Академијата за филмовите премиерно прикажани претходната година, а во изборот на лауреатите учествуваат над 3.500 професионалци од светот на филмот, како режисери, актери, сценаристи, продуценти, критичари и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП