17 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложбата „Ана Франк – Историја за денес“ во Куманово

Изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ во Куманово

ana_frank_negotino

Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна.

Изложбата се организира во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини. Во Куманово ќе биде поставена во НУ Центар на култура “Трајко Прокопиев“ и ќе биде отворена за посетителите до 24-ти февруари 2017 година. Свеченото отворање ќе се случи во понеделник во 12 часот.

Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.
Изложбата досега има посетено четириесетина земји, а во Македонија отворањето беше во Министерството за надворешни работи, во чест на одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, 27-ми јануари.

Во Скопје изложбата беше отворена за јавноста на 4-ти февруари 2016 година во 19:00 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Изложбата беше отворена за посетители во текот на февруари. Во текот на годината изложбата имаше можност да патува во Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Струга, Кичево, Тетово и Велес.

Девојчето кое во целиот свет е препознаено како симбол на децата-жртви на холокаустот е родено во Франкфурт 1929 година. Четири години подоцна со семејството се сели во Аместердам откако во Германија на сила стапуваат закони против Евреите. На почетокот на нацистичката окупација, семејството Франк се сели во тајно засолниште, каде Ана во текот на две години го пишува својот дневник. Во август 1944 е напишан последниот запис во дневникот. Откриено е засолништето на нејзиното семејство и петнаесетгодишната Ана умира во логор. Единствениот преживеан член на нејзиното семејство е Ото Франк, нејзиниот татко, кој го објавува дневникот.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Куќата на Ана Франк, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП