5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДејвид Боуви постхумно награден со Греми за најдобар алтернативен албум

Дејвид Боуви постхумно награден со Греми за најдобар алтернативен албум

grammy-awards

Култниот британски музички гениј Дејвид Боуви, кој почина во јануари минатата 2016 година, е добитник на престижната музичка награда Греми во категоријата Најдобар алтернативен албум на годината, за неговото последно дело „Blackstar“, беше објавено ноќта кон понеделникот по македонско време на 59-та свечена церемонија во историјата на оваа награда која се одржа во Лос Анџелес, а признанија добија и Бијонсе и Адел.

Пред почетокот на официјалната церемонија, околу 2 часот во понеделникот по македонско време, беа објавени наградите во повеќе категории, меѓу кои и за категориите за видео клип и за најдобар музички филм.

На наградата во категоријата „Најдобар алтернативен албум“ претендираа, исто така, Британците Radiohead со албумот „A Moon Shaped Pool“, честиот соработник на Боуви – Иги Поп со дискот „Post Pop Depression“, како и пејачката Пи Џеј Харви со албумот „The Hope Six Demolition Project“ и американскиот фолк-бенд Bon Iver со албумот насловен „22, A Million“.

Признанието Греми во категоријата „Најдобар алтернативен албум“ се доделува за дела кои се создаваат и егзистираат „надвор од мејнстрим музичката индустрија“.

Покрај тоа, Боуви, кој почина на 69-годишна возраст од рак на црниот дроб, многу набрзо по издавањето на албумот, беше почестен со Греми во номинацијата „Најдобра рок изведба“ за неговата композиција „Blackstar“ од истоимениот албум.

Најдобар рок албум за минатата година е прогласен оној на американскиот рок бенд Cage the Elephant под насловот „Tell Me I’m Pretty“. Конкуренти им беа панкерите од Blink-182 со дискот „California“, Французите Gojira со своето дело „Magma“, Американците Panic! at the Disco со албумот „Death of a Bachelor“ и нивните сонародници Weezer со истоимениот албум.

Покрај многуте други награди, беше доделена и онаа во категоријата „Најдобра метал изведба“ во која наградата ја однесе американскиот состав Megadeth со нумерата „Dystopia“.

Видеото за нумерата „Formation“ на американската пејачка Бијонсе беше наградено во категоријата „Најдобро музичко видео“, соопшти официјалниот сајт на Греми.

Во оваа категорија уште беа номинирани и видео клиповите на пејачот Леон Бриџес, на бендот Coldplay, на Џејмс Екс-Ес и на рок бендот OK Go.

Во номинациите „Најдобар музички филм“ проектот „Lemonade“ на Бијонсе се најде зад документарниот филм „The Beatles: Eight Days a Week — The Touring Years“ на Рон Хауард. Во оваа категорија предлози беа и филмуваните музички стории „I’ll Sleep When I’m Dead“ приказна за американскиот диџеј и композитор Стив Аоки, „The Music of Strangers — Yo-Yo Ma & The Silk Road Ensemble“ за американскиот виолончелист од кинеско потекло Јо Јо ма и стаениот на видео концерт на кантри ѕвездите „American Saturday Night: Live From The Grand Ole Opry“.

Британската пејачка Адел е лауреат на нагрдата Греми во категоријата „Најдобар поп албум“, за нејзиниот под едноставен наслов „25“. Во оваа категорија конкуренти ѝ беа Џастин Бибер, Ариана Гранде, Деми Ловато и Сии.

Адел, исто така, е номинирана и во категориите „Најдобар албум на годината“, „Најдобра снимка“, „Песна на годината“. Нејзина главна конкурентка годинава е Бијонсе која беше номинирана во девет категории.

Идејата за воспоставување на наградата потекнува од професионалните музичари во Лос Анџелес во 1957 година, кога била одбележана 80-годишнината од изумот на Томас Алва Едисон – грамофонот. Оттаму и потекнуваат и називот на наградата GRAMMY и формата на статуетката – позлатениот грамофон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП