Владата планира да потроши 40 милиони евра за вработување на 16 илјади граѓани. Ова е главната информација од Опертативниот план на владата кој реално доцни неколку месеци. Ако ваквите државни планови финансирани со народни пари низ годините се објавувале на почетикот на годината, овој за 2025 година властите пред граѓаните го презентираа на средина на годината. Во фокусот и оваа година се мерките за младите невработени лица кои задолжително треба да бидат евидентирани во Агенцијата за вработување како баратели на нова работа.
Според достапните информации овие 40 милиони евра кои се на располагање на 16 илјади невработени граѓани ќе може да се искористат на неколку начини. Од владата велат дека, со Оперативниот план фокус се става на младите и невработените лица со што се покажува дека врвен приоритет е намалување на невработеноста преку креирање и отворање на нови работни места за граѓаните. Споредбено со минатата 2024 година, оваа Влада го зголеми истиот за рекордни 7,5 милиони евра.
Оперативниот план опфаќа три категории и тоа, млади лица коишто сакаме преку овие мерки да ги задржиме во државата, невработени лица и лица корисници на гарантирана минимална помош со што сакаме да го подобриме нивниот животен стандард, велат од владата.
Исто така Оперативниот план за вработување оваа година за првпат има таргетирани мерки за поддршка на младите, односно поддршка за самовработување оваа година е проширена со две нови поддмерки.
„Мерка-Поддршка за самовработување се однесува на невработени лица со минимум основно образование, односно невработените лица да започнат сопствен бизнис. Висината на финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 7.000 евра неповратни средства за започнување на бизнис. Висината на подмерката поддршка за самовработување на млади невработени лица до 29 години изнесува 10.000 евра, односно тоа се неповратни средства за основање на сопствен бизнис. Новина во овој оперативен план е исто така и подмерката е поддршка за самовработување со здружување на корисници до две лица да основаат бизнис. Висината на финансиска поддршка изнесува од 14.000 до 20.000 евра односно средствата од 20.000 евра се однесуваат за содружници кои се до 29 години“, велат од Владата.
Од Илинденска број два додаваат дека единствен предуслов кај сите мерките е невработените лица да бидат евидентирани како активни баратели на работа во центрите за вработување низ државата. На овој начин властите велат дека се стимулираат младите да го развиваат својот претприемачки дух, како и да продолжат да ја градат иднината во сопствената држава.
„Очекуваме 65% да бидат млади, односно наши сограѓани на возраст до 29 години коишто во зависност од тоа дали ќе имаат компанија по принципот друштво со ограничена одговорност со едно лице или друштво со ограничена одговорност ќе добиваат грантови. Ако е ДООЕЛ ќе добиваат грантови до 10 илјади евра, ако е ДОО ќе добиваат од 13 до 20 илјади евра во зависност од тоа колкумина ќе се издржуваат“, додаваат од Владата.
Од септември има најава за уште еден повик, повторно за млади до 29 години за стартап бизнис идеи. За оваа намена ќе биде формирана посебна Комисија што ќе ги оценува проектите за кои ќе аплицираат младите луѓе.
И.П