Сè повеќе македонски туристи се прашуваат дали Грција ја губи титулата на најповолна дестинација за летен одмор.
Цените во таверните и на плажите на грчкото крајбрежје годинава ги изненадија и оние со длабоки џебови, а најголемото разочарување, судејќи по коментарите на социјалните мрежи, доаѓа од наједноставното – гиро.
„Минатата година во Неа Каликратиа плаќавме по 3,5 евра за гиро, сега на истото место е 6 евра, а во Сани дури 12 евра! За нас, што доаѓаме со деца, тоа веќе не е уживање, туку математика“, раскажува Александар С. од Велес, кој со сопругата и двете деца секоја година одморот го минува на Халкидики.
Сцената е слична низ цела Грција – цените скокаат во зависност од локацијата, а туристите се делат на оние што „јадат еднаш дневно во ресторан“, и оние што си носат од дома паштета и макарони.
„Гиро веќе не е брза и евтина храна. Во Пефкохори го најдовме за 5 евра, ама без пијалак. А на друго место беше 15 евра затоа што било со ‘домашна пита и органско месо’“, коментира 34-годишната Мирјана од Кичево, која за првпат одлучила да летува во апартман без кујна, но сега вели дека тоа било „најголемата грешка“.
И покрај високите цени, Грција сè уште привлекува масовен број туристи од Балканот. Причината? Чистите плажи, блиската дестинација, љубезните домаќини и – емоциите.
„Па добро, за што работиме цела година? Ќе затвориме очи за цените, ама нема да се откажеме од нашето ‘грчко лето’“, вели Игор, кој често летува во Олимпик Бич.
Сепак, не е сè толку црно. Во многу ресторани сè уште има промоции – менито со пилешки батаци, помфрит и салата чини 10 евра. За комбинација од две гира, две пива и зелена салата, некои таверни нудат комплет по цена од 14,80 евра, што за четиричлено семејство и не е премногу.
„Треба само малку да прошеташ, да не седнеш на првото што го гледаш на плажа. Има добри зделки, само треба да си информиран“, советува Јелена од Куманово, членка на група за споделување совети за Грција на Фејсбук.
Цените на лежалките, исто така, варираат – на некои места се бесплатни со нарачка на пијалак, додека во попопуларните ресорти чини и до 4 евра за пар.
Малото пиво е 6 евра, а големото 7 – што, за просечен балкански турист, е повеќе од цената на пиво во локален бар дома.
Иако цените се двојно повисоки споредено со пред неколку сезони, љубовта кон Грција не опаѓа.
Но сега, наместо торба со крекери за на плажа, туристите со себе носат и калкулатор.
Б.З.М.