Повеќето словенечки ски центри со години се без големи инвестиции и одвај се одржуваат, заради што се продаваат.
Од 2004 година словенечкото Министерство за економија од Буџетот, како и од европски пари, издвоило за инвестирања во жичници речиси 24 милиони евра, на што треба да се додадат 13,6 милиони евра инвестирани во сместувачки капацитети на ски центрите, пишува љубљански „Дневник“.
Речиси две третини од јавните пари за жичниците ги искористиле сопствениците на подоцна пропаднатиот ски центар Похорје и поврзаните компании со него, додека повеќе од половина од државното инвестирање во сместувачки капацитети отидоа кај компаниите во Марибор, Рибница и Словењ Градец, на кои сопственик е СЦ Похорје.
Оваа компанија од март 2014 година ја презеде словенечката лоша банка, бидејќи на две банки им должи 52 милиони евра. Од септември истата година компанијата е во стечај.
Словенечката држава само за изградбата на шестоседната жичница Пискер даде 2,9 милиони евра, а вредноста на целата инвестиција е проценета на 8,5 милиони евра.
Сега, стечајниот управник оваа жичница ја продава за 2,3 милиони евра, а на првата аукција немаше заинтересирани.
Лошо работи и компанијата Мапром, што стопанисува со жичницата и скијачките патеки на Похорје. Оваа компанија во последните две години 2015/2016 работеше со загуба од 183.000 евра.
Во стечај заврши и Планинскиот туристички центар Копе, која, како што наведува „Дневник“, исто е во сопственост на „мариборските скијачки хазардери“.
Копе им должи на банките 8,3 милиони евра, а стечајната управителка го изнајмува ски центарот додека не се најде купец.
Лоши финансиски резултати бележи и ски центарот Голте, кој во 2015 година беше во минус поголем од 600 илјади евра, Голема планина бележи загуба од 112 илјади евра, а хотелот „Церкно“ дури три милиона евра.
Вогел е едно од ретките словенечки ски центри што добро работи.