Американската фармацевтска компанија „Johnson & Johnson“ (J&J) постигна договор за купување на најголемата европска биотехнолошка компанија „Actelion Pharmaceuticals“ за 30 милијарди долари, соопшти „The Wall Street Journal“, повикувајќи се на изјава на двете компании.
Договорот и обезбедува на „J&J“ пристап до портфолиото на швајцарската компанија за лекување на ретки болести и стави крај на преговорите кои траеа неколку недели.
„J&J“ се согласи да плати 280 долари во кеш за акција на „Actelion“, задржувајќи ги комерцијално достапните лекови на швајцарската компанијата за лекување на ретки болести, како на пример белодробна артериска хипертензија.
„Actelion“ ќе ги одвои своите операции за развој на нови лекови во посебна компанија наречена „R & D NewCo“, а „Johnson & Johnson“ првично ќе се здобие со 16% од акциите на новата компанија со опција за купување на други 16% подоцна.