Швајцарската фармацевтска компанија „Novartis“ очекува просечен годишен раст на продажбата од пет отсто до 2031-ва година, потпирајќи се на своето портфолио на лекови и на новите терапии што се развиваат во нејзините лаборатории.
Компанијата ги објави новите деловни проекции наведувајќи дека очекува приходите од продажба да растат со просечна годишна стапка од пет отсто во периодот од 2026-та до 2031-ва година. Истовремено, „Novartis“ планира оперативната маржа од основното работење да се врати над 40 отсто до 2029-та година.
Особено внимание привлекуваат зголемените процени за потенцијалната продажба на три важни лекови. Очекувањата за „Kesimpta“ се зголемени од шест на осум милијарди долари, за „Scemblix“ од четири на пет милијарди долари, а за „Leqvio“ исто така од четири на пет милијарди долари.
Со претходно зголемените проекции за лекот „Rhapsido“, компанијата сега има девет производи на пазарот за кои проценува дека би можеле да достигнат врвна годишна продажба од три до десет милијарди долари.
Но, стратегијата не се потпира само на лековите што веќе се продаваат. „Novartis“ очекува до 2031-ва година да објави повеќе од 35 резултати од клинички истражувања што би можеле да отворат пат за поднесување барања за одобрување на нови терапии.
Во развојната програма на компанијата има повеќе од 30 потенцијално вредни нови производи. Повеќе од 20 се во фази на регистрација, клинички испитувања од третата или втората фаза, додека десетина се во или влегуваат во првата фаза на испитување.
Истражувањата опфаќаат неколку области, меѓу кои онкологијата, имунологијата, невронауката и кардиоваскуларните, бубрежните и метаболичките заболувања.
Извршниот директор Вас Нарасимхан порача дека компанијата очекува раст и покрај тоа што во 2026-та година се соочува со најголемото влијание досега од истекувањето на ексклузивните права за дел од нејзините производи.
Во плановите е и поширока употреба на вештачката интелигенција во истражувањето, развојот, производството и комерцијалното работење. Компанијата смета дека комбинацијата од постојните лекови и новите терапии треба да го поддржи нејзиниот раст и во следната деценија.