10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкстремен студ – како да заштедите на греење?

Екстремен студ – како да заштедите на греење?

termometar

Температурите се спуштаат и под 20 степени под нулата, а најавите се дека екстремниот студ ќе продолжи и во наредните две недели. Сите грејни тела се пуштаат на максимум, но експертите по енергетика велат дека и во вакви услови има начини како да се заштеди.

Со едноставни методи до потопол дом и поголема заштеда

Основите совети кои можат да се применат и при екстремен студ се: ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината; навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат; електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел; да се избегнува проветрување, а ако е неопходно тоа да се прави во текот на денот кога е најтопло;  да се постелат теписи, по можност со подолги реси, врз дрвените подови и плочките, тие ќе ја стопираат апсорпција на топлината; вратата од бањата да се остави отворена по туширањето или капењето, така топлиот воздух и пареата ќе се прошират, а истовремено ќе се навлажни и воздухот во домот; рерната да се остава отворена откако ќе се заврши со готвење, топлиот воздух ќе се прошири; на надворешните врати да се постави изолација до праговите, доволно е да се постели свиткана черга или ќебе кои би го спречиле продирањето на ладниот воздух; доколку во домот има плафонски вентилатор нека биде повремено вклучен, тој го турка топлиот воздух надолу а го качува студениот нагоре.

Овие совети можеби звучат смешно, но експертите за енергетска ефикасност велат дека дефинитивно придонесуваат за потопол дом, но и за помали сметки.

Енергетската ефикасност е долгорочно исплатлива

Сепак, за вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација, подобри прозорци. За ова е веќе предоцна оваа зима, но треба да се земе предвид за наредната сезона.

„Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот. Сметката во крајна линија најмногу зависи од топлотната изолација. Оние што имаат солидно изградени објекти во секој случај штедат, во вакви временски услови дури и нема потреба од вклучување на системите за греење преку ден, само рано наутро и доцна навечер“ објаснува проф. д-р Ристо Цицонков, Машински факултет.

Македонците загреваат само половина од домот

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

Изолацијата како најефикасен начин за заштеда на енергија е застапена во само 18% од домовите – најдобро стои скопскиот регион со 29%, а најлошо пелагонискиот со нешто под 7%.

68% од куќите и становите имаат дрвени прозорци, 29% ПВЦ, а нешто над 3% алуминиумски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП