28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГазпром со рекордна испорака на гас во Европа преку Северен тек

Газпром со рекордна испорака на гас во Европа преку Северен тек

gazp

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави во понеделникот дека преку гасоводот Северен тек во Европа испорачал рекордно количество гас од 160,75 милиони кубни метри на ден, што на годишно ниво го надминува проектираниот обем на системот.

„Сегашното ниво на оптоварување на Северен тек покажува дека северниот коридор за испорака на рускиот гас е крајно потребен за европскиот пазар. И уште еднаш ја покажа важноста и актуелноста на изградбата на Северен тек-2. За овој гасовод гласаат клиентите“, се наведува во писмената изјава на челникот на водството на „Газпром“, Алексеј Милер.

Според Милер, минатата 2016 година гасоводот Северен тек бил оптоварен за повеќе од 100 отсто од неговиот капацитет. Зголемувањето на испораките дојде откако Европската комисија одобри експлоатација на 90 отсто од страна на „Газпром“ на гасоводот Opal, по кој натаму се испорачува гасот од Северен тек. Претходно холдингот можеше да презема до 50 отсто од количеството.

Според достапните информации, снабдувањето преку Северен тек во 2015 година изнесувало 39 милијарди кубни метри гас, или 70 отсто од проектираните капацитети на гасоводот.

Почетокот на функционирањето на гасоводот Северен тек -2 (Nord Stream 2 AG) е предвиден за крајот на 2019 година. Тој ќе минува по дното од Балтичкото Море од рускиот брег до брегот на Германија. Капацитетот на секоја од овие две маршути е 27,5 милијарди кубни метри гас годишно. Капиталните расходи за проектот се проценуваат на 8 милијарди евра, а вкупните трошоци врз основа на привлекување на финансиите за проектот се проценети на 9,9 милијарди евра.

Во средината на јуни 2015 година „Газпром“ објави дека договорил со британско-холандскиот конзорциум „Shell“, со германски E.ON и австриски OMV план за градење нов гасовод кон Германија. Според меморандумот за разбирање, E.ON, OMV и „Shell“ ќе се вклучат во изградбата на новиот гасовод од Русија преку Балтичкото Море до Германија, со годишен вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри природен гас. Новиот гасовод би требало за двојно да го зголеми капацитетот на постојниот Северен тек-1, кој сега ги поврзува двете земји.

Новиот гасовод е планиран во близина на постојниот Северен тек-1. „Газпром“ според најавите ќе поседува 50 отсто од проектот, а BASF, E.ON, „Engie“, OMV и „Shell“ по 10 отсто.

Во декември 2015-та Италија се обиде да го блокира продолжувањето на санкциите на ЕУ против Русија поради украинската криза и истапи против изградбата на рускиот гасовод Северен тек-2, кој го форсира и делумно финансира Германија, откако Европската комисија со своите активности всушност предизвика Москва да се повлече од проектот Јужен тек, со кој со природен гас требаше да се снабдува и Италија. Тогашниот премиер Матео Ренци отворено ја обвини Унијата за „двојни стандарди“.

Полска, исто така, изјави дека плановите за изградба на уште еден гасовод кој би ги поврзувал Русија и Германија, ткн. Северен тек-2, не се економски мотивирани, туку имаат политички причини.

Средноевропските и јужните европски земји се противат на овој германски проект, тврдејќи дека ќе ја зголеми зависноста на ЕУ од увозот на гас од Русија, и оти ќе ја наруши европската солидарност.

Меѓутоа, повеќето, како Италија на пример, истакнуваат дека Европската комисија всушност ја запре изградбата на гасоводот Јужен тек, под наводен изговор дека ќе биде заобиколена Украина и оти не биле почитувани прописите на ЕУ, а со кој гасот требаше да биде донесен до јужните земји членки, а сега нема ништо против Северен тек-2 кој се гради под исти услови како и гасоводот од кој Москва се откажа откако не најде заеднички јазик со Брисел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП