12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБитола започна со третирање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат

Битола започна со третирање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат

bitola-kalcium-magnezium-696x463

Општина Битола почна со третирање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

„Денес започнавме со една акција, која е и прво искуство за нас, со ЈКП „Комуналец“ адаптиравме едно возило кое што е оспособено да прави прскање, кое што нанесува емулзија од калциум магнезиум ацетат, која што емулзија хемиски е прилагодена да ги привлекува ПМ10 и ПМ2,5 честичките. За нанесување на таа емулзија треба посебни услови така да денес денот е погоден за тоа и ќе се направи една обиколка со прскање по улиците „Партизанска“, „Васко Каранѓелевски“, „Булевар 1ви Мај“, „Филип Втори Македонски“, „Прилепска““, рече Градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Возачите во градот треба да ја намалат брзината на возење, максималната брзината во градот во овој период треба да биде до 40 километри /час, затоа што емулзијата е лизгава и треба внимателно да се вози.

Во периодот кој следува инспекциите засилено ќе работат. “Минатата година на големите објекти задолжително беа чистени оџаците и сега ќе се проверуваат, ќе се контролираат институциите и правните лица со што загреваат, а ќе бидат изрекувани и казни. Така што заеднички треба да направиме нешто повеќе, додека не стигне големиот проект за Битола, тоа е топлификација, но дотогаш ќе бараме начини како можеме да си го олесниме животот кој што се однесува на делот од загадениот воздух во Општина Битола“, изјави Талески.

Калциум магнезиум ацетат е средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен.

„Со количините кои што општината ги набави околу 6 или 7 тона, се надевам дека и во наредни денови кога ќе има погодни временски предуслови за аплицирање со средство ќе продолжиме и понатаму со негово распрскување. Делувањето на средството е еднодневно и се е во зависност од бројот на возила кои што се движат во тој дел од сообраќајницата. Доколку има поголема фреквенција на возила ќе биде потребно да се прска и два пати дневно“, истакна директорот на ЈКП „Комуналец“ Битола, Зоран Соклевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП