4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо просечна плата само скромна трпеза – многу леб, малку месо

Со просечна плата само скромна трпеза – многу леб, малку месо

leb

Македонецот јаде најмногу леб и компир, а најмалку месо и риба. Ова и не треба да биде изненадување ако се споредат податоците од статистиката и синдикатите според кои со една просечна плата не може да се протурка месецот.

На трпезата најмногу леб и компир, најмалку месо и риба

Македонецот во просек секој ден јаде по 199 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз.

Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по 81 грам на ден, потоа грав по 16 грама, кромид и лук 27 грама, зелка 28 грама, домати 41 грам, пиперки 62 грама и краставици 18 грама.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по 44 грама на ден, потоа лубеници и дињи 31 грам, јаболка 30 грама, грозје 29 грама, кајсии и праски 12 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 33 грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко 19 грама, 18 свинско грама, свежа и замрзната риба 14 грама. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по 28 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 102 грама млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и 29 грама сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по 37 грама шеќер, 7.6 грама кафе и какао и 18 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.73 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Потрошувачката на цигари оди во нагорна линија. Според ДЗС Македонецот во просек во 2015-та пушел по 2.33 цигари на ден, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од публикацијата на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2015-та“.

Трошоците за живот непроменети

Семејствата во Македонија имаат исти трошоци за живот во октомври како и во септември, додека цените на мало биле пониски за 0.3% – соопшти државната статистика.

Јајцата и свежиот зеленчук поевтиниле за 1.1%, безалкохолните пијалаци за 0.4, а месото и млекото за 0.3%.

Од друга страна туристичките аранжмани поскапеле за скоро 5%, обувките за 3.4, а мебелот за 0.5. Повеќе пари требаат и за купување на облека, електрични апарати за домаќинствата, лекови и играчки.

Намалување на трошоците на живот има и кај авионскиот превоз на патници за 17.6%, за информатичка опрема, медицински услуги, средства за чистење и предмети за лична хигиена.

525 евра за да се протурка месецот

Иако прави анализи на трошоците на живот и за личната потрошувачка, ДЗС веќе четири години не ја пресметува месечната потрошувачка кошничка. Единствено Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) прави вакви пресметки. Иако според ДЗС цените на мало се намалени, според ССМ потрошувачката кошница е минимално зголемена. Разликата најверојатно се должи на различните категории на производи врз основа на кои се прави пресметката.

Потрошувачката кошница што ја пресметува ССМ во септември изнесувала 32.263 денари за едно четиричлено семејство.

Најмногу од парите или 13.345 денари се за храна и пијалаци, потоа 10.468 денари за комуналии, опрема за домот и одржување, 2.727 денари за хигиенски потреби, 2.339 денари за превоз, 2.087 денари за облека и обувки, 1.070 денари за култура, 678 за одржување на здравјето.

Потрошувачката кошница во септември е повисока за 0,32% во однос на август, а во споредба со септември минатата година е повисока за 0,09%.

Просечната плата полни само 69% од кошницата

Според податоците на ДЗС просечната нето плата во август била 22.294 денари или 362 евра. Со неа може да се наполни само 69% од синдикалната кошница.

Според ДЗС просечните примања за една година пораснале за 1.9%, зголемување е забележано во секторите градежништво (10%), административни и помошни услужни дејности (6%).

Од друга страна намалување е регистрирано во секторите стручни, научни и технички дејности (13%), информации и комуникации (3%).

Во август годинава 1.2% од вработените во земјава не примиле плата.

Според ДЗС најголеми плати во Македонија има во секторите компјутерско програмирање, воздухопловство и фармација.

Топ 10 најплатени професии

Топ 10 на најплатени професии според просечната плата се компјутерско програмирање (72.029 денари), воздухопловен транспорт (70.506), фармациски производи и препарати (60.827), телекомуникации (59.626), финансиски дејности и осигурување (58.192), снабдување со енергија и гас (55.756), складирање и помошни дејности во превоз (53.384), информации и комуникации (53.251), правни и сметководствени дејности (47.368), информатички услужни дејности (45.896).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП