19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАAloti_B и Aloti_M уникатни битолски фонтови инспирирани од битолската историја

Aloti_B и Aloti_M уникатни битолски фонтови инспирирани од битолската историја

font-696x455

Група креативци од Битола водени од виртуозот за типографија Ласко Џуровски, за време на типографската работилница Фонтој – Монтој, го започнаа процесот на креирање на првиот и единствен Битолски фонт инспириран од Битолската плоча.

Во старата Ески џамија, урната во 1956 година, е пронајдена камена плоча на која со кирилско уницијално писмо е напишано името Битол. Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самуил.
Археолозите и историчарите се согласуваат дека плочата настанала при обновувањето на битолската тврдина од царот Иван Владислав. Академикот Владимир Мошин ја студирал содржината на текстот и претпоставува дека таа датира од 1016-1017 година.

Битолската плоча е натпис во кој Битола се спомнува за прв пат како град. Тоа значи дека Битола е стара над 1.000 години. Колку за илустрација Москва е стара околу 800 години, Санкт Петербург околу 300 години.

„Идејата на типографската работилницата Фонтој-Монтој беше да направиме Битолски фонт и по повод 1000 годишнината (2016-2017г.) од постоењето на името Битола да им го подариме на граѓаните на Битола и Македонија на 4.Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола“, изјави Ангела Христовска – графички дизајнер и иницијатор на процесот.

По 1.000 години група креативци се собраа да го ресоздадат фонтот на битолскиот натпис односно да го креираат од денешна перспектива.

Фонтот Aloti_B ги почитува типографските норми, лесно е читлив и елегантен. Фонтот Aloti_M ги крши типографските норми во обид максимално да се и интерпретираат формите од Битолската плоча. Овој фонт претставува модерна ревитализација на ракописот од пред 1.000 години, нормално, со извесни прилагодувања за употреба на современите медиуми.

Фонтотовите Aloti_B и Aloti_M, кирилична и латинична верзија, се бесплатни и може да се спуштат на: http://www.mycreativeteam.com/fontojmontoj.html

Во процесот на изработка на фонтовите група графички дизајнери изработија постери инспирирани од фонтовите, процесот и креативната енергија.

Изложба на постерите е нареден чекор кој ќе го преземе креативниот тим од Битола.

Фонтовите Aloti_B и Aloti _M се резултат од проектот Типокулт кој го реализира Здружението на граѓани за поинакво делување Арт Акт Битола и My creative team со поддршка на Министерство за култура на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП